Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати пред Генералното собрание на Обединетите Нации и кажа дека Македонија и четврт век по приемот во ОН се уште има отворено прашање за името со Грција што предизвикува последици за земјата.
Тој рече дека Македонија и Грција започнуваат да имплементираат мерки за доверба, откако во минатото и двете земји направиле грешки.
Заев се осврна и на договорот за добрососедство потпишан со Бугарија, со што, според него, владата покажала дека има капацитет да решава отворени прашања.
Тој ја спомена и мигрантската криза како голем предизвик кој Македонија успешно успеала да го изменаџира.
Премиерот изрази и загриженост за ситуацијата со нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја и повика на мирна денуклеаризација на оваа земја.
– Веруваме дека мирната денуклеаризација на корејскиот полуостров е изводливо решение и затоа ја повикуваме Северна Кореја веднаш да се откаже од нуклеарната и ракетната програма и да го потпише и ратификува договорот за забрана на нуклеарни проби, рече Заев.
– Да не се фокусираме на разликите, туку на нашите главни одговорности и да работиме за заеднички бенефит. Мора да делуваме како одговорни влади и да изградиме подобра иднина и просперитет, порача Заев во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Тој истакна дека државите мора да се фокусирааат на имплементација на нов одржлив развој и да се создаваат нови начини за пријателство и партнерство.
– Уверен сум дека ја имаме истата цел – мир во светот. Уверен сум дека ги делиме истите заложби. Уверен сум дека на заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија. Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку кои Република Македонија успеа да надмине длабока политичка криза која дури го брануваше и нашиот регион. Ние сме мала земја полна со различности. Минавме низ тешки искушенија, бидејќи се обединивме околу заедничките вредности. Затоа Република Македонија денес е слободна безбедна и стабилна. Република Македонија е пријател со своите соседи и цврсто ориентирана кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ, нагласи премиерот Заев.
Честитајќи му го изборот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, премиерот Заев изрази целосна поддршка за реализацијата на неговата, како што рече, амбициозна и потребна агенда.
Премиерот Заев оцени дека се потребни најразлични начини за справување со се почестите конфликти и терористички напади во светот, а тоа, според него, може да се постигне само доколку државите се обединети.
– Унапредувањата на човековите права, демократијата и владеењето на правото мора да бидат во центарот на нашите активности, порача македонскиот премиер, додавајќи дека огромните прекршувања на човековите права низ целиот свет, неказнивооста и недостатокот од одговорност, потсетуваат дека треба уште многу да се направи на овој план.