„Отворен Балкан“ е комплементарен, а не спротивен на Европската унија. Тој е засилувач на нашата европска агенда, при што сите три земји остануваат посветени на своите агенди и обврски за влез во ЕУ, напиша премиерот Зоран Заев во авторскиот текст „Нашите народи имаат ист пат“ објавен во српскиот весник „Политика.
Во текстот, Заев нагласува дека трите држави – Северна Македонија, Србија и Албанија се согласни дека нема да запре нивната интеграција во ЕУ поради конфузните сигнали кои ги праќа Брисел по однос на проширувањето.
– И додека Унијата наутро се проширува, а навечер се затвора, нашиот пат е дење-ноќе отворен, европски, без дилеми посветен на соработка, на пријателство, на солидарност, на повеќе слобода и на подобар живот за секој еден граѓанин од нашиот регион, пишува Заев.
Вели дека „Отворен Балкан“ е израз на силната политичка волја на Северна Македонија, Србија и Албанија и иницијатива од највисок јавен интерес и дека оваа иницијатива е спротивна на се она што досега е синоним или стереотип за Балканот.
– Наместо судбина, ние избравме иднина. Наместо некни – денес и утре. Ние велиме дека ја земаме судбината во свои раце и отворае нови перспективи за нашите држави, нашите народи, нашите економии и нашпите општества. Нашите народи, македонскиот албанскиот и српскиот народ и сите други кои живеат во земјите на нашиот Балкан, го имаат истиот пат пред нив. Имаме иста визија и вредности – ова се европски вредности, а не ѕидови и политики на поделби. Градиме мостови, а не sидови, вели Заев.
Според него, она што го иницираат овие три држави е европско затоа што во себе ги содржи начелата на Европската унија – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
– Отворен Балкан е демонстрација на прогрес, наш чекор кон кој сме упатени следејќи ја мнозинската волја на нашите народи. Нема веќе чекање и нема отфрлање. Сечија поддршка е добредојдена на овој наш заеднички европски пат, а најмногу е добредојдена поддршката од Европската унија како наш природен, очекуван и долгоповикуван партнер, подвлекува Заев.
Додава дека иницијатива на трите балкански држави е отворена и за сите останати земји од Западен Балкан. – Придружете ни се, заради нашите народи, вели Заев.
Во поглед на економските придобивки од оваа иницијатива, Заев посочува дека се очекуваат бенефитите во домашните буџети и во подобрувањето на квалитет на живот за милиони граѓани.
Единствениот начин како можеме да се подобри животот во регионот, според Заев, е да се донесе Европа дома.