Премиерот Зоран Заев денеска по работниот ручек на лидерите на Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел го посети новоотворениот Културно-информативен центар на Северна Македонија во Тирана и притоа даде изјава за медиумите.
Изјавата на премиерот Заев ви ја пренесуваме во целост:
„Со отворањето на македонскиот Културно-информативен центар овде во Тирана додадовме уште една алка во широкиот спектар за соработка и зајакнување на пријателството меѓу Албанија и Северна Македонија.
Благодарение на поддршката на премиерот Еди Рама, како и на силно изразената волја овој проект да се реализира на министерствата за надворешни работи и култура на двете земји, започна со работа Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана.
Реализиравме со успех една идеја која започнавме да ја осмислуваме и градиме уште од почетокот на мандатот на оваа Влада во 2017 година.
Цврсто бевме решени да започнеме да испишуваме нови, со суштинска содржина исполнети страници на пријателство меѓу Северна Македонија и Албанија. Препознавме дека со една поинтензивна и разновидна културна програма можеме да дадеме сериозен придонес за збогатување и осовременување на традиционално добрите односи меѓу двете земји.
Отворањето на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на нашата земја во Албанија, и ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во нашата држава.
Ќе биде мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите на двете земји.
Културно-информативниот центар на Северна Македонија ќе биде место за средби и место за иницирање на нови идеи за многубројни взаемни активности во областа на културата и тоа во музичко-сценската, драмската, литературната и издавачката дејност.
Културно-информативниот центар е уште едно место за презентација и афирмација за традиционалното учество на албанските поети и писатели на книжевните манифестации во Република Северна Македонија, како што се Струшките вечери на поезијата или за претставувањето на македонската книжевност на Интернационалниот саем на книгата во Тирана.
Овој прекрасен простор ќе биде сврталиште за настапи и средби за време на гостувањата на македонските театри во Тирана и во другите градови во Албанија, како и место за изложби, камерни концерти и средби на ликовните, музичките и другите уметници за време на нивните гостувања во пријателска Албанија.
Сега граѓаните на Тирана и на цела Албанија во Културно-информативниот центар на Северна Македонија имаат место за запознавање со македонската култура и со сите останати информации за многу содржини од интерес за Северна Македонија.
Во Културно-информативниот центар во Тирана, Македонците во Албанија добиваат свое место на кое се секогаш добредојдени за да бидат во директен контакт со културните и другите процеси во Северна Македонија.
Во оваа прилика сакам да нагласам дека од наша страна ќе направиме сѐ што е потребно да го забрзаме процесот за отворање на Културно-информативниот центар на Албанија во Скопје.
Сакаме колку што е можно поскоро да се воспостави реципроцитет за презентација и на албанската култура во Северна Македонија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани.
Овие иницијативи се сериозни изрази на длабокото и искрено пријателство меѓу двете земји.
Тие се израз на европскиот дух што автентично го негуваат и афирмираат и Албанија и Северна Македонија како соседни земји кои се почитуваат и заеднички ги практикуваат европските вредности за добрососедство.
Овие вредности се доказ дека и двете земји се дел од европското семејство, дека таму припаѓаат, и дека со многу исполнети критериуми го заслужуваат и формално своето место во заедничкиот дом – Европската Унија.
Ви благодарам и му посакувам успешна работа на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана.“