Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, очекува дека Комисијата за случувањата од 24 декември 2012 година, ќе донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања.
На јавноста и е јасно дека СДСМ ги исполни своите обврски од првомартовскиот договор. Мене ми е драго што денеска по наша иницијатива се прифати комисијата да заседава во овој формат и на ваквата средба реално очекувам комисијата да продолжи да работи во следните неколку дена и да донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања и прекршувања на законите во Собранието на 24 декември 2012 година – рече Зоран Заев.
Пред Заев, во Клубот на пратениците пристигна претседателот на Комисијата во оставка, Борче Давитковски, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ, како и шефот на Кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер. Од редовите на СДСМ тука се и Љубомир Фрчковски и Рената Десковска. На средбата присуствува и премиерот Груевски, како и заменичката на Заев, Радмила Шеќеринска.
Согласно вчерашниот договор, Комисијата за 24. декември има рок финалниот извештај да го усвои до петок.