24 декември – се заборави и се повтори, одговорност никој не понесе

Од:

Кога-тогаш ќе одговараат виновниците за црниот понеделник, велеше Зоран Заев, кога со име и презиме ги читаше Никола Груевски, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски како нарачател, мотиватор, реализатор и извршител на командата – да се исфрлат од собраниската сала пратениците и новинарите кои на 24 декември 2012 ја следеа седницата за буџетот.

Но, шест години оттогаш никој не понесе одговорност ниту, пак, целосно се расветлија инцидентите.

Прашањето за можната одговорност на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски пред две недели лично нему му го постави и судијката Добрила Кацарска на рочиште кога тој во својот исказ за 27 април рече дека и претходно имало инциденти во Собранието.

„Дали по ваша наредба на 24 декември 2012 година беа истепани опозициски пратеници и потоа изнесени од Собранието?“, праша Кацарска на што Вељаноски одговори дека тогаш била нападната функцијата претседател на Собранието и бил уништен системот каде што се претседава.

Неказнивоста за собраниските инциденти од 2012 година, според многумина, придонесе да се случи и крвавиот четврток на 27 април 2017. Во оваа насока неодамна беше и изјавата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска на „Фејсбук“ потсети дека не треба да не се заборави ниту да се повтори 24.12.2012.

„Ова треба да биде памет за сите, секој може да протестира на демократски начин, но не и да посегне по нечиј живот. Го паметиме и настанот од 24.12.2012 за кој нема разрешница. Сето тоа придонесе за нападот од 27 април“, изјави министерот Спасовски на 7 септември 2018 по неговото сведочење во судот за крвавиот четврток.

Пред шест години, на 24 декември 2012, опозицијата се обидуваше да го спречи донесувањето на буџетот за 2013 година со образложение дека не била почитувана процедурата и дека во комисиите не биле разгледани амандманите што тие ги поднеле. Во зовриена атмосфера во салата влезе собраниското обезбедување и насилно ги отсрани опозициските пратеници кога претходно без образложение ги исфрли новинарите, кои седницата ја следеа од галеријата, а пред зградата на Собранието во тензична атмосфера пред барикадите се најдоа приврзаниците на власта и опозицијата поделени на две страни – додека едните протестираа, другите се собраа на контрапротест.

Галена Николовска-Ризвановиќ

Би можело да ве интересира

СДСМ: 24 декември е еден од најцрните датуми во нашата демократија, по девет години во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето

Шест години од „црниот понеделник“

Наум Локоски

ВИДЕО: Насилно исфрлаше пратеници на СДСМ, сведок за 27 април, се уште го обезбедува Собранието

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Спасовски: 24 декември беше подлога за крвавиот четврток

Наум Локоски

ЦРМ: Одлуката на ЕСЧП е значајна победа во борбата за слобода на изразувањето во Македонија

Ана Ололовска

ЗНМ ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур за случајот „Селмани и останати против РМ“

Ана Ололовска