Обезбедуваме средства и правиме напори за подобра животна средина, отворени сме за соработка и заеднички решенија со граѓанскиот сектор, истакнал премиерот Зоран Заев на денешната средба со Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина, кои заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање соработуваат за заштита и подобрување на состојбите во овој сектор.
Владината прес-служба соопшти дека премиерот Заев изразил подготвеност и волја за продолжување на заложбата на Владата за соработката со граѓанскиот сектор во насока на размена на идеи и ставови при операционализација на политиките за различните области од животната средина.
Претставниците на Координативното тело, на состанокот претставиле дел од своите сугестии кои се однесуваат на различни сектори од животната средина, водата, обновливите извори, квалитет на воздухот, отпадот, како и ставови за подобрување на законската регулатива, во согласност со ЕУ регулативите.
Како што било договорено на состанокот, претставниците на Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина до премиерот Заев и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули треба да испратат писмо во кое ќе ги сублимираат сите конкретни иницијативи кои се однесуваат на секторот заштита на животната средина.