Заев: На 24-ти декември беше прекршен Уставот, Груевски не смогна сили да ја признаe грешката

Од:

Во неделава што изминува СДСМ вложи максимални напори да се подготви конечен извештај на Комисијата за настаните од 24-ти Декември минатата година, неопходен пред се за македонскаста јавност, но секако потребен и заради нашите eвропски и евроатлантски интеграции, вели Претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Во последните денови главна тема беа заклучоците кои требаа да дадат одговор на прашањето што се случи на „црниот понеделник“ и дали беа направени прекршувања на Уставот и законите. На ВМРО ДПМНЕ им понудивме широк спектар на можни формулации. Дававме иницијативи и предлози. Се фокусиравме на суштината и синоќа, во доцните часови сметаме дека бевме блиску до договор.Понудивме повеќе од 20 опции за констатирање на прекршување на Уставот во случајот со отстранувањето на новинарите и на пратениците, додава тој.

ВМРО ДПМНЕ, вели Заев, прифати формулација за уставни прекршувања при употребата на сила и отстранувањето на пратениците од собраниската сала. За жал, премиерот Груевски и ВМРО ДПМНЕ не успеаа да го направат последниот чекор. Не беа подготвени да констатираат противуставност при отстранувањето на новинарите од собраниската сала на критичниот ден.

За СДСМ достоинството и дигнитетот на новинарите е еднаков со оној на пратениците. Уставните одредби за слобода на информирање и за поделбата на власт се еднакво важни и обврзувачки. На истекот на рокот се срушија надежите дека иницијативата на СДСМ за работата на комисијата во проширен состав ќе вроди со плод.

Без признание од страна на власта во форма на констатации за уставните прекршувања на 24ти декември не ја испраќаме суштинската порака: дека одговорност мора да има и дека вакви настани никогаш повторно не смеат да ни се случат.

Извештај на комисијата без заклучоци за Уставни прекршување е извештај, колку да се има извештај. Со тоа се лажеме самите себе, ја лажеме домашната но и меѓународната јавност. Формален извештај за маскирање на “црниот понеделник“ за СДСМ беше и é непостоечка опција.

На 24-ти декември беше прекршен Уставот. Од страна на институциите беше употребена сила и беа насилно исфрлени новинари и пратеници од опозицијата од собраниската сала. Навистина жалиме што и овој пат владеачката ВМРО ДПМНЕ и премиерот Груевски не смогнаа сили да ја признаат грешката. За нив е важен само сопствениот рејтинг и ништо друго. За неуспехот на Комисијата вчера ја преземаа целокупната одговорност.

Во оваа прилика уште еднаш потенцирам. СДСМ во целост ги исполни обврските од првомартовскиот договор и со тоа докажа дека секогаш за нашата партија државните интереси се над партиските. Учествувавме на локалните избори за кои тврдевме и се докажа дека беа организирани на криминален начин и надвор од стандардите на ОБСЕ и ОДИХР.

Пратеничката група на СДСМ и покрај личното чувство на повреденост на секој пратеник, но и на 400-тини илјади гласачи за опозицијата, се врати во Собранието и учествува во неговата работа, а од понеделник ќе партиципира во работата на Собранието со полн капацитет. Со нашата иницијатива за проширена средба ја реактивиравме Анкетната комисија во полн состав и создадовме нова шанса за успех на процесот. Вложивме максимум и направивме сé Комисијата за 24-ти Декември да има успешна работа.

Сето ова јасно говори дека за СДСМ примарна цел се и ќе бидат интересите и перспективата на државата. За разлика од нас, ВМРО ДПМНЕ не исполни ниту една обврска од мартовскиот договор. Дополнително, во отсуство на опозицијата експресно ги донесоа измените на Деловникот за работа на Собранието кој је ограничува можноста за дебата во собраниската сала. И покрај острото спротивставување на новинарската заедница, ВМРО ДПМНЕ упорно инсистира на донесување на законите што уште повеќе ќе ги загрозат и угушат слободата и правото на информирање. Сето ова недвосмислено укажува дека власта е таа што со нејзините политики директно ги загрозува и прави непроценлива штета на интересите на државата.

Знаеме што следува: вообичаената стратегија на власта низ медиумска хајка да ја префрлат вината на страна на СДСМ.

Бадијала се мачат. На сите им е јасно кои се виновниците.

Да констатирам. На 24 ти декември, Груевски донесе одлука, а Трајко Велјановски ја прифати. Одлуката беше – да се испратат полицајци во парламентот со наредба по било која цена да ги исфрлат од собраниската сала прво новинарите па потоа опозиционите пратеници, Секако однапред знаејќи дека притоа по неколку основи се крши Уставот на Република Македонија.

Заклучно со денес заврши периодот за превземање на политичка одговорност од таквата одлука со признавање на недозволената грешка што ја направи Груевски и ВМРО ДПМНЕ на срамниот понеделник. Со не прифаќање на политичката одговорност поради кршење на Уставот само уште еднаш Груевски потврди дека не е подготвен да понесе одговорност за ништо па дури и за толку очигледна и секому јасна работа. Нему му е важен само сопствениот рејтинг и ништо друго. Овој пат, со неприфаќањето на очигледната одговорност направи катастрофална грешка.

Груевски ќе остане запаметен по децата што просат околу сите објекти што ги изгради тој во центарот на Скопје, но ќе остане запаметен и како Премиер кој на најдрзок можен начин го скрши Уставот на РМ исполнувајки ја својата алчна потреба за пари за време на голема криза и сиромаштија.

Би можело да ве интересира

СДСМ: 24 декември е еден од најцрните датуми во нашата демократија, по девет години во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето

24 декември – се заборави и се повтори, одговорност никој не понесе

Наум Локоски

ВИДЕО: Насилно исфрлаше пратеници на СДСМ, сведок за 27 април, се уште го обезбедува Собранието

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Спасовски: 24 декември беше подлога за крвавиот четврток

Наум Локоски

ЦРМ: Одлуката на ЕСЧП е значајна победа во борбата за слобода на изразувањето во Македонија

Ана Ололовска

ЗНМ ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур за случајот „Селмани и останати против РМ“

Ана Ололовска