(ВИДЕО) Заев: Македонија и БиХ имаат заедничка стратешка цел – влез во ЕУ

Од:

Македонија и Босна и Херцеговина немаат отворени прашања и билатералните односи се развиваат во нагорна линија во сите области. Двете држави испраќаат силна порака за регионална соработка.

Ова е оценката на македонскиот премиер Зоран Заев и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ дадена на заедничката прес-конференција по нивната денешна средба во Сараево.

Двајцата изразиле задоволство од подготвеноста да соработуваат на регионален план како основа за остварување на заедничката стратешка цел на двете држави – членство во Европската Унија.

Премиерот Заев нагласил дека денеска од Сараево е испратена силна порака дека БиХ и Македонија почнале регионална соработка утврдена на Самитот за Западен Балкан во Трст и оти ја покажуваат на дело со потпишувањето конкретни меморандуми и договори коишто се од значење за граѓаните на двете држави.

Заев и Звиздиќ истакнале заеднички став дека двете земји имаат многу особености што ги поврзуваат и оти тоа е уште предност повеќе за натамошно продлабочување на односите и можност за споделување искуства.

– Ние сме две земји што веруваат дека е огромно богатство и предност нашата мултиетничност, мултирелигиозност и мултикултурализам и дека тоа богатство претставува сериозна предност во нашиот напредок во севкупниот развој кој што го планираме за нашите земји. Верувам дека еднаквоста помеѓу различностите е темел на Европската Унија дека заедно ќе ја унапредиме. Пораката што сакам да ја испратам од овде од Сараево е дека доаѓа време кога политичар од еден етникум ќе се бори за унапредување на правата на граѓаните од друг етникум. Тоа е иднината којашто овој наш мултиетнички регион треба да ја има и да ја негува, нагласил Заев.

Двајцата изразиле задоволство од можноста повторно да се видат кога владина делегација на БиХ ќе ја посети Македонија и кога ќе може да се потврди реализацијата на договорените заеднички иницијативи, како што се олеснување на царинското работење меѓу двете земји, воспоставување на олеснети комуникациско-транспортни коридори, вклучувајќи и директна авио линија меѓу Сараево и Скопје, меѓусебно признавање на возачките дозволи и други проекти договорени на оваа средба.

Двајцата испратиле порака до граѓаните за меѓусебни посети на Македонија и на БиХ.

Во рамки на посетата на БиХ потпишан е Меморандум за соработка во областа на земјоделството и Програма за културна соработка меѓу двете држави.

Македонската владина делегација, во чиј состав се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за економија Бектеши Крешник, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми имаа средби и со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на Република Босна и Херцеговина, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Во текот на попладнето, македонската делегација ќе го посети спомен обележјето во Ротимље, во чија близина трагично загуби поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамки на посетата на БиХ вечерва ќе престојува и во Мостар, каде што на претседателот на Владата Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „„Mostar Peace Connection“ и каде што ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов