Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење. Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, порача денеска премиерот Зоран Заев во Прилеп на свеченоста по повод „80 години од Денот на народното востание, 11 Октомври“.
Премиерот во својот говор истакна дека денес Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. -Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан, изјави Заев.
Говорејќи за големината на овој празник Заев истакна дека нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата.
-Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите, истакна премиерот во својот говор.
Тој напомена дека празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.
-Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба, рече Заев и потсети дека годинава одбележуваме уште еден голем јубилеј – 30 години независност.
Премиерот нагласи дека денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност, со место во Обединетите Нации, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, членка на НАТО.
-Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредност, истакна Заев.
Премиерот говореше и за добрососедските односи, нагласувајќи дека преку отворен пристап е воспоставена соработка со сите наши соседи.
-Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав. Никогаш, по никоја цена. Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа е 5 Мај, нагласи Заев.
Говорејќи за членството во НАТО и придобивките од него, премиерот нагласи дека се преземени чекори, донесени се политички одлуки, „за да им докажеме на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие“.
-Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме. Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед, порача премиерот.
Нагласувајќи дека земјава е пример за еден нов и современ Балкан, втемелен на пријателство и соработка, без предрасуди и анимозитети, се осврна и на иницијативата Отворен Балкан.
Се осврна на историјата за Народна Федерална Република Македонија и на денот на кој шестнаесетмина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот.
-Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини. Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи. Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници. Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава, истакна Заев.
Тој рече дека во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуционерни и слободарски дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именувале партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански. Ги опеваа, како што рече, нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите на прогресивните, демократски, антифашистички сојузнички сили на епохата.
-Тоа е Епохата од која 11 Октомври – Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ, истакна премиерот.
Потсети на големата жртва, која е дадена, нагласувајќи дека во Втората светска војна нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Им оддаде почит на сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. -Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание! Нека ни е честита 80-годишнината од историскиот чин што ни ја донесе државноста, слободата и независноста. Да ни биде вековита Република Северна Македонија! Да живее слободата, порача премиерот во своето обраќање.
Пред присутните се обрати и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кој изјави дека 80 години од Денот на востанието на македонскиот народ – 11 Октомври го одбележуваме во годината кога славиме уште еден јубилеј – 30 години независност на нашата држава.
-Два јубилеја достојни за почит кои иако разделени со пет децениска временска дистанца, сепак се нераскинливо поврзани еден со друг. Нападот на сите групи од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ на полицискиот участок тука, затворот и прекинот на телефонските врски и електричната инсталација го трасираше патот кон остварувањето на сонот на независноста на македонската држава, рече тој.
Јованоски нагласи дека масовниот одзив на народот на прогласот на Комунистичката партија на Македонија за приклучување кон антифашистичкиот отпор, како и положените над 25 илјади животи во НОВ се главната причина поради кои 11 Октомври го има традиционалното значење на празник на вредности.
-Првиот востанички истрел не бил само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата да се истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција се до последниот ден на победата над фашизмот. Борците од НОБ го продолжија револуционерниот од на илинденците и ги реализираа вековните стремежи на слобода на нашите предци изразени преку бројни буни и востанија, преку првиот Илинден во 1903, вториот во 1945 и третиот референдумскиот на 8 Септември 1991 година, истакна Јованоски.
Тој напомена дека во целата оваа приказна Прилеп е во седиштето на сите збиднувања. -И Втората светска војна Прилеп и прилепско дале околу осум илјади учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Прилеп дал 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“, потсети градоначалникот.
-Прилепчани се честити и вредни луѓе, правдољубиви и горделиви. Гордост и привилегија е да се биде градоначалник на Прилеп, на градот херој. Чест е да се вложуваш себеси во развојот на градот, во изградбата на инфраструктурата, во подобрување на условите за живеење, екологијата, културата и социјалниот развој. Родното огниште и татковината се сакаат не со зборови, туку со дела, истакна Јованоски.
Пред присутните се обрати и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците, Никола Стојановски, кој истакна дека денешниот настан му претставува посебен чин во неговиот живот, во животот на неговите другари и другарки, партизани и партизанки, кои смело без грам сомнеж се втурнале во борбата и ги дале животите за нашата земја.
-Минати низ бури, премрежија, искушенија останавме свои на своето и горди дека нашата земја стана независна суверена држава. Доживеав многу дни, од воени, државотворни, како и јубилеи, го доживеав и овој ден – 80 години од народното востание. Од овде, од Прилеп храбро и безрезервно со борба почна се. Од овде, од Прилеп, ние борците ви упатуваме аманет да го чувате ова парче земја, да ги користиме сите дипломатски механизми за напредна држава. Заложбите за напредок ги поддржуваме и сите храбри чекори ги поздравуваме. Борците, нивните поддржувачи, Сојузот на борците треба и мора да се поддржи од сите субјекти во државата како важен субјект и столб на нашата државност. Нека ни е честит денот – 11 Октомври, порача Стојановски.