Заев: И сто хотели се џабе ако се загуби статусот од УНЕСКО

Од:

Владата очекува советите на општините Охрид и Струга да постапат по препораките што им се пратени и во отстранување на спорните објекти на крајбрежјето што е само еден сегмент од обврските кон УНЕСКО.

-Ако тие тоа не можат или не сакаат да го направат или бидат спречени да го направат, тогаш ќе преминеме во преземање на ингеренциите од страна на државата за да можеме да го спроведеме процесот на отстранување на дивоградбите, што е само еден сегмент од она што се наши обврски согласно УНЕСКО, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Дел од тие обврски е интензивирање на реконструкција и доградба на колекторскиот систем за што е формирано државното претпријатие „Колектор“, веќе се обезбедени 200 милиони денари за санацијата што треба да се направи. Додаде дека Владата работи на сѐ што се нејзини обврски и дека во таа насока, по укажувањата на УНЕСКО, откажани се проекти за патна инфраструктура во заштитеното подрачје и средствата за нив се реалоцирани.

-До крајот на годината ќе го донесеме и Планот, кој е обврска согласно со УНЕСКО. Во иднина тој План ќе значи режим во управувањето со Охрид и Охридското Езеро и крајбрежјето, во делот на градби, одобренија за градба, легализација на објекти и во делот на севкупниот раст и развој на Струга и Охрид, а и на општината Дебрца која спаѓа овде, заради почитување на стандардите на УНЕСКО, истакна Заев.

Според премиерот, за висок економски раст не треба да се оди по цена на изградба на нови хотели на крајбрежјето на Охридското Езеро зашто ако се загуби заштитата од УНЕСКО, ќе нема ни туристи.

-Ако за сметка на растот ги уништиме сите други вредности, тогаш џабе е растот. Ако го уништиме здравјето на луѓето, ако ја уништиме екологијата, ако го уништиме статусот од УНЕСКО, и сто хотели да изградиме во Струга ќе нема туристи ако не е заштитена од УНЕСКО, рече Заев.

Во општините треба да се има менаџмент за севкупното градење, но не значи дека треба да се гради во централните подрачја на општините, рече Заев, спомнувајќи ги притоа и Карпош и Центар. Во Струга, рече, има три видливи хотели, но има уште други десетина до 15 хотели.

-Не треба да се ставаат комплетни мораториуми, но треба да се има менаџмент таму каде што е тоа изнасилено. Не мора хотелот да го ставите на плажата, може да го направите малку повнатре, во периферијата или на други места каде што нема да го загрозат статусот на УНЕСКО, додаде премиерот.

Би можело да ве интересира

Во водите на Охридското Езеро ќе се плива десеткилометарска трка во рамки на Европскиот ЛЕН куп

Висока воена делегација од Бугарија во посета на Скопје

А1он

„Култура 365“ од Охрид, покажа дека дометите на алтернативната култура можат да бидат високи и плодотворни

Почина тригодишно девојче во Струга

Виктор Јованов

Вински тераси во Охрид

(ВИДЕО) Сведоштва на рибари: Ловевме шест тони риба, се заведуваа само два, остатокот завршуваше кај концесионерот