Заев до борците од првите линии со Ковид-19: Сите сме ви должни и благодарни

Од:

Премиерот Зоран Заев денеска на состанок преку видео врска со претставниците на министерствата за здравство, внатрешни работи и за одбрана, како и припадниците на Црвениот Крст и Противпожарната бригада, кои изминатата година беа во првите редови во борбата и справување со кризата која произлезе од КОВИД-19, им се заблагодари за придонесот во успешното менаџирање со кризата, информира владината прес-служба.

Заев, се наведува во соопштението, им посака на сите пријатни претстојни празници со желба за здравје и успех во нивните работни задачи и им порача дека тие се хероите на нашето време.

– Во оваа борба, за совладување на здравствената криза со пандемијата, во првите редови се вклучени лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата, волонтерите на Црвениот Крст и на другите хуманитарни организации, припадниците на противпожарните единици и сите останати вклучени во системот за справување со кризи. Сите вие, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот и непредвидлив вирус, притоа доведувајќи го сопственото и здравјето на своите блиски во опасност, истакнал премиерот Заев.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и координаторот на ковид центрите на интерните клиники д-р Милена Стефановиќ и директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ го информираа премиерот за моменталната состојба во клиниките и ковид-центрите, оперативните планови кои се во функција и тековната координација околу очекуваното вакцинирање на популацијата со која ќе се стави крај на пандемијата.

Бригадирниот генерал Бесник Емини и потполковничката Елизабета Наумовска-Петрески, пак, брифираа за моменталниот ангажман на Армијата и Министерството за одбрана чии припадници се распределени на стратешки локации и им помагаат на здравствените власти и полицијата цел овој изминат период успешно да ја менаџираат состојбата на терен.

– Армијата им припаѓа на граѓаните и тука е да служи на нивните потреби, целокупниот овој период припадниците помагаат и на терен но и во самите ковид центри со што се олеснува целокупниот притисок врз здравствениот систем, истакнаа Емини и Наумовска-Петрески.

Началникот на Бирото за јавна безбедност Благојчо Спасов, придружуван од неговите колеги од СВР Скопје и СВР Куманово – Насер Ајдини и Пеце Скаклески, го информираа премиерот за моменталната состојба на терен, активностите на полицијата во спроведувањето на тековните задачи и задачите кои произлегуваат од одлуките на Владата за заштита на населението во услови на корона криза. Началникот на ЕИЈ од СВР-Скопје Скаклески соопштил дека во тек на целата пандемија само на ниво на Скопје се исконтролирани и доставени околу 50.000 решенија за изолација и уште толку семејства и индивидуи се исконтролирани со што се спречува ширењето на вирусот и се штити населението.

На состанокот беа присутни и претставници на Црвениот Крст кои со преку 500 волонтери и мобилни тимови од почетокот на пандемијата се на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства како и на граѓаните на кои им е потребна помош. Александра Ристовски, како координатор на програмите на Црвениот Крст, рекол дека како организација се постојано и активно вклучени во помош на локалното население но и во помош на МВР и Армијата во случаи каде што има мигранти кои ја поминуваат нашата територија и на кои им е потребна помош, но и скрининг преку кој се набљудува нивната здравствена состојба и блокирање на можност за инфицирање со КОВИД-19. Тука се и мобилните тимови на јужната и северната граница кои се постојано на терен и нудат помош и поддршка на граѓаните.

Командантот на противпожарната бригада – Владимир Симоновски, пак, информира за редовното работење на пожарникарите и нивните активности кои се ставени во функција на здравствениот систем, помош и поддршка на граѓаните во нивните дневни активности и потреби.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Орце Костов

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска