За (зло)делата

Од:

Додека трае кампањата на партиите за локалните избори, неколку интересни податоци ми го привлекоа вниманието. Дури 85 % од младите сакаат да ја напуштат Р. Македонија по завршувањето на студиите! Можете да замислите како ќе изгледа државата ако им се исполни желбата?! Втор податок кој ме остави без зборови е: бројот на семејствата кои живееат од парите на печалбарите пораснал од 16% на 21%, што значи, со други зборови, дека секое петто семејство преживува со пари на своите роднини од странство.

Дури 21% од семејствата во државата преживуваат од работници кои работат во друга држава!

Следен податок: индустриското производство бележи пад 17 месеци по ред, а бројот на вработените во идустриското производство се намалува, т.е. продолжува отпуштањето работници. Следно: Владата предвидела дека во 2012 година економијата ќе расте за 4,5 %, но Државниот завод за статистика деновиве објави дека економијата на државата не само што не пораснала според ветувањето на Владата, туку напротив, бележи пад од 0.3%.

Следен податок: Од 2001 до 2010 година, од Македонија излегле вкупно 4.6 милијарди долари, од кои 3 милијарди долари се одлеале во 2007, 2008, 2009, 2010 година (ги нема 2011 и 2012 год.), според последниот извештај на „Глобал Фајненшл Интегрити“. Само во 2008 година, над 1 милијарда долари се изнесени преку нелегални канали! Да не заборавиме, во меѓувреме задолжувањето на државата е сè почесто; веќе нè навикнаа на секои десет дена да слушаме како нè задолжуваат, ту 100 милиони, ту 40 милиони евра. Како да се зборува за обични листови хартија, ние „огуглавме“!

Според Светската банка, од Македонија се иселиле повеќе од 20% од населението! Овие информации се страшни, укажуваат на тоа дека економскиот столб на државата е сериозно оштетен. Сликовито речено, ако попушти уште само еден столб, државата може да се урне. Дали опозицијата ќе успее да ја урне оваа влада пред владата да ја урне државата, останува да видиме. Јас сум оптимист дека до крајот на годината ќе имаме нов премиер! Вториот столб, стабилноста на државата и меѓуетничките односи, е предмет на ризик од страна на двете партии на власт, ДПМНЕ и ДУИ, сè со цел да се одвлече вниманието од катастрофалните податоци во економијата. Не можам да разберам како СДСМ наседна на таа нивна игра. Заедничките листи на ДПМНЕ и СДСМ за Кичево и Струга се голема стратешка грешка на опозицијата. Национализмот на малцинството не може да ја урне државата сам, но здружен со национализмот на мнозинскиот народ – секако дека може. Овие подбуцнувачки говори на двете партии од власта ја водат Македонија кон федерализација.

Национализмот расте и ја прикрива слабата економија, црниот понеделник на 24 декември, сиромаштијата и сите нешта каде што СДСМ може да покаже дека ДПМНЕ всушност ги урива сите столбови на државата. Вака, ДПМНЕ и ДУИ си го креваат рејтингот, уште и СДСМ ги поддржа кандидатите на власта за градоначалници.

А опозицијата можеше и овде да поентира и да ги разобличи лагите на ДПМНЕ. Ако на ДПМНЕ му е толку важно Македонец да ги води општините во Кичево и во Струга, нека се откажеа од своите кандидати за градоначалници и нека гласаат за оние на СДСМ! Понатаму, како на Груевски му пречело тоа Дехари да биде градоначалник на Кичево, бидејќи, нели, бил од УЧК, а не му пречи Талат Џафери да биде министер за одбрана?! Мислам дека министер за одбрана е поголема функција од градоначалник на Кичево.

За да остане на власт, ДПМНЕ ги амнестираше Хашките случаи, па зарем на овие од СДСМ не им е јасно дека е ова само предизборен трик!? СДСМ имаше огромен потенцијал за зголемување на гласачкото тело со гласовите од разочараните Албанци. Многумина Албанци кои се разочарани од тендер-коалицијата на ДУИ се подготвени да гласаат за СДСМ од причина што веруваат во искреноста на опозицијата да го реши проблемот со името и да ја внесе државата прво во НАТО, па во ЕУ. Многумина Албанци се разочарани од ДУИ која, во своите 7-8 години владеење, уште не го спровела во целост Рамковниот договор.

Многумина Албанци веруваат дека ДУИ, пазарејќи се за тендери со ДПМНЕ, тоа го прави на штета и на државата, и на интеграциите во ЕУ и НАТО, на штета на сите граѓани, па и на Албанците. Добар дел од разочараните беа подготвени да гласаат за здружената опозиција, но сега целиот тој потенцијал е урнат (барем за овие избори) со национализмот што го промовираат Груевски и Ахмети, а опозицијата влезе во нивната замка. Па зарем на овие од „Бихаќка“ не им е јасно дека на ДПМНЕ не му е ниту до државата, ниту до Македонците, туку тоа им е начин да останат на власт?! Зарем не им е јасно дека говорите на Груевски во Струга и во Кичево удираат во столбот на граѓанската држава?!

Зарем не им е јасно дека на Ахмети воопшто не му е гајле за државата?! Постојат најмалку 5 теми на кои може да биде „згазено“ ДПМНЕ: 1. Јавното здравство никогаш не било полошо, ниту за пациентите, ниту за вработените во него. 2. Ниту една влада не потфрлила во изградба на патна инфраструктура како оваа на Груевски. 3. Ниту една Влада нема полоши резултати во енергетскиот сектор од оваа на Груевски. 4.Образовниот систем никогаш не бил послаб. 5. Странските инвестиции никогаш не потфрлиле како лани!

И наместо овие пет теми да бидат центар на вниманието, опозицијата влезе во приказната на национализмот промовиран од истата таа влада, на чело со нејзиниот премиер и лидерот на ДУИ. Ако ваквите разлики помеѓу ДУИ и ДПМНЕ беа реални и искрени, оваа власт ќе се распаднеше за 24 часа. Дека Груевски продава демагогија, најголем доказ е што премиерот лично бараше од пратениците да гласаат за командантот на УЧК да биде министер за одбрана. Дека ДУИ продава демагогија, доказ е сè уште целосно неспроведениот Рамковен договор.

Нивните политики натераа стотици илјади луѓе да се иселат од Македонија. Додека Грујо ги брани Македонците и Али ги брани Албанците, на сите им е секој ден сè полошо! Додека ја имаме оваа власт, сите заедно ќе си страдаме. Затоа е важно што побрзо да дојде до промена на власта, но ќе треба и опозицијата да внимава да не прави стратешки грешки и со тоа да си одмага прво себеси, а потоа и на сите нас.

Џељо Хоџиќ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска