Демонстрации на организацијата Национална младина од Шведска. Фото: видео клип скриншот, 2012
Дали кривичното осудување заради изразување, кое поттикнува омраза врз основа на сексуална ориентација, се коси со правото на слобода на изразување?
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
Одговорот на ова прашање е негативен според Европскиот суд за човекови права. Во 2012 година, судот не најде повреда на правото на слобода на изразување на група младински активисти, кои биле кривично осудени во Шведска поради растурање летоци со кои се поттикнува омраза врз основа на сексуална ориентација.
СЛУЧАЈ „ВЕЈДЕЛАНД И ДРУГИ против ШВЕДСКА“
Во декември 2004 година, група младински активисти од организацијата Национална младина отишле во едно шведско средно училиште и поделиле околу стотина летоци, оставајќи ги врз орманчињата на учениците или во нив. Летоците ги содржеле и следниве изјави:
„Хомосексуална пропаганда (Homosexpropaganda)
Во текот на повеќе децении, општеството се сврте од отфрлање на хомосексуалноста и на другите девијантни сексуални појави (avarter) до прифаќање на оваа девијантна склоност (böjelse). Вашите антишведски наставници многу добро знаат дека хомосексуалноста морално го уништува општественото ткиво (folk-kroppen), а, сепак, свесно ќе се обидат хомосексуалноста да ја претстават како нешто нормално и добро.
-Кажете им дека ХИВ и СИДАТА се појавиле многу порано меѓу хомосексуалците и дека нивниот промискуитетен животен стил е една од главните причини за ширењето на оваа чума на модерното време.
-Кажете им дека организациите на хомосексуалното лоби, исто така, се обидуваат да ја потценат (avdramatisera) педофилијата и прашајте ги дали оваа сексуална девијација (sexuella avart) треба да се легализира.“
Активистите обвинети за делење на летоците биле условно и парично осудени (со глоби од 200 до 2.000 евра) за агитирање против хомосексуалците како група, што било кривично дело со измената на законот која стапила на сила на 1 јануари 2003 година. Измената на законот била со образложение дека „хомосексуалците претставуваат група изложена на ризик која често е предмет на кривични дела заради нивната сексуална ориентација“ и дека „има добри причини да се претпостави дека хомофобичниот став, кој предизвикал одредени сторители да нападнат одредени поединци поради нивната сексуална ориентација, потекнува од подбуцнувачка пропаганда полна со омраза и со закани против хомосексуалците како група, која ја шират мнозинството на нацистички и други крајно десно-ориентирани екстремистички групи во земјата.“
Зошто судот одлучил дека не било повредено правото на слобода на изразување?
Кога одлучува за слободата на изразување, Европскиот суд за човекови права секогаш го афирмира следното право:
Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без какво било мешање на јавната власт и без оглед на државните граници.
Судот повеќепати има истакнато дека „слободата на изразување се применува не само за „информации“ или „идеи“ кои се прифаќаат благонаклонето или кои се сметаат на ненавредливи или кои предизвикуваат рамнодушност, туку и за оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат“.
Но, слободата на изразување не е апсолутно и неограничено право. Слободата на изразување со себе носи и одговорности, па истата може да биде подложена на повеќе ограничувања.
Во конкретниот случај, судот утврдил дека тоа што властите кривично ги осудиле младинските активисти, и им го попречиле користењето на правото на слобода на изразување, било неопходно во едно демократско општество, а заради заштита на репутацијата и правата на другите. Во својата одлука, судиите на судот во Стразбур ги оценуваат како релевантни причините што ги навел Врховниот суд на Шведска, кој го потврдил правото на активистите на Национална младина да ги изразат своите идеи, но истовремено нагласил дека заедно со слободите и правата луѓето, исто така, имаат и обврски, како што е обврската колку што е можно да се одбегнуваат изјавите кои неоправдано ги повредуваат другите, што претставува напад на нивните права.
Образложението на судот: поттикнувањето на омраза не мора нужно да подразбира повик за извршување насилство,
„…дискриминацијата заснована на сексуална ориентација е исто толку сериозна форма на дискриминација како и дискриминацијата заснована на раса, потекло или боја“СЛУЧАЈ „ВЕЈДЕЛАНД И ДРУГИ против ШВЕДСКА“
Кога кривично осудените активисти на Национална младина поднеле жалба за повреда на нивното право на слобода на изразување, го изнеле аргументот дека нивната намера не била да изразат презир кон хомосексуалците како група, туку да иницираат дебата за недостигот од објективност во шведското образование. Европскиот суд оценил дека дури и да се прифати таквата намера, треба да се оцени содржината на летоците.
Како судот ги протолкувал изјавите во летоците дека хомосексуалноста била „девијантна сексуална склоност“ која „морално го уништува општественото ткиво“, дека хомосексуалноста е една од главните причини зошто ХИВ/СИДАТА толку се раширила, и дека „хомосексуалното лоби“ се обидува да ја потцени педофилијата?
Европскиот суд за човекови права ги оценува овие тврдења како „сериозни и штетни изјави“, иако истите „директно не им кажуваат на поединците да извршат акти на омраза“.
Што, според толкувањата на Европскиот суд за човекови права за овој случај, се смета за „поттикнување омраза“?
Според судот, „поттикнувањето омраза не мора неопходно да инволвира повик за извршување акти на насилство, или други криминални дела“. Може да станува збор и за „напади врз лица извршени со навредување, изложување на исмејување или клеветење на одредени групи од населението“. Таквите напади, според судот, може да бидат доволна основа за „властите да дадат предност на борбата против расистичкиот говор во однос на слободата на изразување искористена на неодговорен начин“.
Миленко Late Night шоу. Фото: видео клип скриншот, 2014
Хомофобични изјави на ТВ-дебата
Неодамна, во „Миленко Неделковски шоу“ на национална телевизија беше одржана дебата на тема ЛГБТ-заедницата и говорот на омраза, на која учествуваа неколку новинари и колумнисти.
На дебатата (во која доминираше говорот „ние“ – хетеросексуалните мажи – и „тие“ – „педерите“) беа изнесени повеќе фактички непоткрепени тврдења, клевети, негативни предрасуди, но и изјави кои поттикнуваат на омраза и на нетолеранција врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
На пример, еден од новинарите изнесе фактички непоткрепено тврдење дека „Во Америка [САД] нема легализирано хомосексуални бракови и нека не ја лажат јавноста“ (1 ч. 26 мин. 50 сек.). Ако новинарот направел едноставна проверка (на пример, на мапата на неговите колеги од „Си-Ен-Ен“ CNN), ќе можел да се информира дека во поголем број од државите на САД истополовите бракови се легализирани.
Неколкупати во рамките на дебатата, во која учествуваа само мажи, ЛГБТ-луѓето и активистите беа обвинувани дека токму тие стигматизираат, дека шират идеи на супериорност, дека користат говор на омраза и дека самите провоцираат насилство. На пример, водителот го прочита својот статус на „Фејсбук“,„Педерска работа“ (24.10.2014), во кој ги обвинува жртвите на насилството во кафулето „Дамар“ дека самите испровоцирале насилство: „Сакале да провоцираат добиле реакција“ и праша „Каде е овде говорот на омраза?“ (9 мин. 51 сек.). Во емисијата повеќепати беа застапувани конспиративни теории или инсинуации дека последното насилство било „режирано“ од поддржувачи на ЛГБТ-заедницата за да се предизвика внимание во јавноста.
Дел од учесниците ја промовираа предрасудата како теза дека „хомосексуализмот“ е противприродна појава, нешто „ненормално“ и дека е болест: „Не е точно она што многу често го слушаме од претставниците и подржувачите на ЛГБТ, барем во Македонија… дека хомосексуализмот не е болест“ (46 мин. 22 сек.). „Т. смета исто што и јас сметам, дека се работи за болест“ (1 ч. 00 мин. 10 сек.).
Еден од учесниците успеа и да ја „разоткрие“ крајната цел на „геј-лобито“: „…лоби кое има своја крајна цел, таа крајна цел за мене е уништување на човековиот род“ (53 мин. 40 сек.).
Во текот на целата емисија се афирмираше правото на „критика“ и на „осуда“ на „педерите и лезбејките“ како право на слобода на говор и личен став:
Прашање од водителот: „Имам ли ја право да ги критикувам работите во општеството или да ги фалам, нели? Во случајов, што се однесува до најразлични педери и лезбејки, да сметам дека е тоа болест, или да сметам дека е тоа ненормално, или да сметам дека е тоа богохулие, тоа може да е мој став, нели, и е мој став. Имам ли право јас да го напишам тоа, а да не бидам обвинет дека е тоа говор на омраза?“ (1 ч. 09 мин. 38 сек.).
Гостите на водителот одговорија потврдно на неговото реторичко прашање. Но, би било навистина интересно како би одговориле судиите на Европскиот суд за човекови права според кои „поттикнувањето омраза не мора неопходно да инволвира повик за извршување на акти на насилство или други криминални дела“, туку може да станува збор и за „напади врз лица извршени со навредување, изложување на исмејување или клеветење на одредени групи од населението“.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).