Поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, во својата книга „Лидерство“ напиша: “лидерот“ кој пред донесувањето на некоја важна одлука го следи јавното мнение или својот рејтинг, не е лидер, туку следбеник, следбеник на јавното мнение“. Што мислите, зошто еден врвен градоначалник и вешт политичар, после долги години во политиката би го рекол ова.
Некој веднаш би прашал – па зарем не треба да се слуша јавното мнение? Се разбира дека треба и тоа постојано и будно, особено за да се провери дали спроведената одлука има позитивен ефект. Но, која е логиката да го прашуваш некого, кој на изборниот ден ти рекол, „Ти одлучувај наместо мене, за моето, за нашето добро! Одлучувај ти бидејќи велиш дека знаеш и сакаш да одлучуваш. Одлучувај бидејќи претендираш да си лидер, а тоа значи да водиш, а не да следиш!
Науката вели дека скоро секоја акција, за постигнување на одредена цел, успева или пропаѓа зависно од лидерството. Малку нешта се поважни од истото кога се работи за развој и успех на човековото живеење.
Ефктивното лидерство го стимулира развојот на државата, гради визија за подобра иднина и ги поттикнува останатите да ја следат, превенира во време на опасност или неповолност. Токму тоа ги прави компаниите успешни, а на непрофитните организации им овозможува целосно исполнување на својата мисија.
Генерално, лидерството претставува процес низ кој една личност влијае врз мислењето, ставовите и однесувањето на другите, во намерата за постигнување на заедничките цели, главно за подобар живот. Лидерите го означуваат патот покажувајќи им на останатите што следат. Им помагаат на следбениците (со денешна терминологија, поддржувачите) во уверувањето што може да биде постигнато, истовремено влевајќи им инспирација и храброст.
Тоа е потребно и присутно насекаде, во семејството, околината, во фирмите и институциите, невладините организации, синдикатите, во спортските клубови,…. на улицата.
Тоа не е врзано за одредена функција, туку за личност, индивидуа која ги имала или ги стекнала основните лидерски вештини и четирите клучни фактори: карактер, храброст, мудрост и визија.
Политичкото лидерство е основа на развојот на општествено политичкиот живот во секоја држава.
Станува збор за еден општествен, социолошки, психолошки па и филозофски феномен, кој има силно влијание врз политичкото делување на партиите (власт/опозиција, независно), а со тоа и влијание врз развојот на државата. Политичките лидери се всушност највлијателните и најмоќните двигатели на промените (позитивни/негативни). Од нив се очекува силна визија и силно влијание за постигнување на истата, храбри потези, често и непопуларни, истрајност и доследност.
Замислете како би изгледал денес светот или земјите од каде потекнуваат ако не било лидерството на Џорџ Вашингтон, Абрахам Линколн, Мартин Лутер Кинг, Винстон Черчил, Маргарет Тачер, Махатма Ганди, Нелсон Мендела, или што би бил светот без денешното лидерство на Обама, Меркел, Путин.
Замислете каква историја, за нашата млада држава, ќе читавме денес ако не беше лидерството на мудриот Глигоров или каква сегашност ќе имавме да не беше „лидерството“ на актуелниот премиер, Никола Груевски. Во овој контекст важно е да се знае – добро е ако овој феномен постои кај индивидуи кои немаат никакви позиции, јавни функции, но лошо е ако не постои кај оние кои ги имаат…Звучи познато?
Бидејќи лидерот и лидерството се препознава по акција во одредена ситуација, а основните елементи кои го чинат истото се, како што рековме карактерот, храброста, мудроста и визијата, добро е да знаеме каков „лидер“ и каде ни ја води државата.
Каков е карактерот на Груевски кој во ситуација кога голем дел од народот гладува, без скрупула, народните пари ги троши за телевизиски реклами, бронза, бетон, метал, тениски игралишта. Која е сликата за него имајќи го предвид сознанието дека „си го добива“ секој кој демократски го искажува своето мислење, а нему не му е по ќеиф.
Која е визијата на „лидерот“ кога стотици илјади граѓани се исселуваат, а државните мерки за подобар живот се сведуваат на реклама за трето дете и говорите на Субрата Рој. Која е визијата кога останавме изолирана земја, економски опустошена, внатрешно поделена.
Која е храброста на Груевски кога се плаши од дуел со скоро сите опозициски лидери, а од зад кулисите фрла со „дрва и камења“ по секој претендент за неговата позиција. Која е храброста кога очигледен е стравот од падот на рејтингот, кој доследно го одржува со цената на погрешни политики.
Која е мудроста на Груевски кога од него бликаат суетата и желбата за освета на политичките неистомисленици, кога, „нападот е најдобра одбрана“, претставува негова животна филозофија.
Судете сами и размислете за крај, вреди ли да не води „лидер“ кој зад параванот е следбеник, кој за секоја погрешна, а популистичка политика, се слика, а за секоја правилна, но непопуларна, нас не прашува и одржува рејтинг.
За напредок на нашата земја потребна е силна визија, храбри и мудри чекори, лидер чиј карактер зрачи искреност и желба да помогне. За напредок потребно e лидерство, а нас не „водат“ следбеници! Уште колку долго, од сите нас зависи!
М-р Александар Кирацовски, потпретседател на СДСМ