За можностите на Конзуларната служба на Македонија: ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДЕНИСА МАРКОВСКА

Од:

Залудно се измачувале родителите на Дениса дали е надлежно нашето претставништво во Солун или Атина, понатаму Истанбул, итн. Се работи за делегирана надлежност на Министерството за надворешни работи на неговите работни единици (дипломатско – конзуларните претставништва) и тоа е надлежниот орган сѐ додека истрагата се изведува надвор од Македонија. Затоа, токму Конзуларната служба во Скопје е таа што треба да состави логична реконструкција на настанот и согласно своите видувања да ги прифати или не истрагата и резултатите добиени од Јужниот Сосед. Ако таа служба не е задоволна – треба и мора да се оди понатаму.

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера/ополномоштен министер

 

Ако се суди по јавувањата на македонските медиуми за случајот на Дениса Марковска, може да се добие впечаток дека меѓународното право спиело додека поморскиот сообраќај се движел напред и напред. Тоа, веројатно, би го збунило и најпросечниот бруцош на некој правен факултет, а да не зборуваме дека фрла голема сенка на сиот оној огромен дел од меѓународното право каде многу студенти се изнамачиле со регулативите за меѓународното, наспроти територијалното море и пловидбата по тие исти води што тоа право некако успева да ги види различно …

Во некои од јавувањата, меѓу кои е она на Сител од 21 септември, фигурира дека полицијата на нашиот Јужен Сосед се сомнева оти Дениса е убиена, додека во некои како што е, на пример, она на Република само еден ден подоцна се тврди дека истите тие органи повеќе веруваат дека нема кривично дело. Од каде толкава опседнатост со мислењето на органите на Јужниот Сосед? Можеби заради авторитетното и категорично мислење, кое, на пример, дадено за Утрински весник го пренесува Сител на 14 септември, на:

…Ирина Петреска од агенцијата Коузон во Прилеп, при вакви несреќни случаи истрага врши крајбрежната поморска безбедносна контрола во државата каде што се случил настанот. Во случајов, вели таа за Утрински весник, истрагата треба да биде извршена од грчките поморски власти и македонските власти да добијат информации, односно извештај за извршената истрага.

Можеби би било добро да е така, но, дефинитивно – не е! Посебно ако не се договориме кое е местото на настанот. Прво и основно дали е тоа морето или бродот? На ова ниво на сознанија – тоа е и сѐ уште мора да биде бродот!

Иако можеби таа материја се чини сложена, сепак не е. Со употреба на само три члена, два од Конвенцијата за правото на морето и еден член од Виенската конвенција за конзуларните односи излегува на површина една сосема поинаква ситуација.

 

ПРИМАРНА КРИВИЧНА НАДЛЕЖНОСТ – ЗЕМЈАТА ЧИЕ ЗНАМЕ ГО  ВЕЕ БРОДОТ

Примарната кривична надлежност не е на земјата низ чии води се поминува, ниту на земјата, на пример, во чија сопственост е бродот – туку на земјата чие знаме го вее бродот. Изразот „чие знаме го вее“ значи државата каде бродот е регистриран. Секундарна е надлежноста на земјата низ чии води бродот (се мисли комерцијален или патнички) поминува, па дури и тогаш, вели членот 27 од инаку големиот успех на меѓународното право – Конвенцијата за правото на морето од 1982 година – таа земја мора да ги извести конзуларните служби на земјата, чие знаме бродот вее за преземени активности во оние децидно предвидени ситуации кога може да преземат истражни мерки. Сепак, вистински оваа надлежност настанува тогаш кога ќе се укотви во пристаниште, а кое, според членот 11 од истата Конвенција, е интегрален дел од територијалноста на приморската држава.

За малку да усложниме, бидејќи ова иако не е, сепак, звучи прилично едноставно, ќе ја додадеме и универзалната или персоналната надлежност, а тоа е надлежноста кон инволвираните луѓе – тоа е лесно доколку имаат само едно државјанство – надлежна е, значи, државата чии државјани се тие, а што е многу децидно распишано во членот 5 од Виенската конзуларна конвенција.

Ако се имаат предвид овие три надлежности, всушност, релативно лесно можеме да се ориентираме во чекорите што биле или требало да бидат направени.

Примарната надлежност, значи, дека капетанот на бродот веднаш штом дознале дека Дениса не се пријавила на работното место, требало да ја побараат и дури и да го запрат бродот, односно да се направи интерна истрага. Евентуално, да се побара помош од приморската држава, со цел претрагата на морето да има шанси да биде ефикасна. Тоа, како што јавуваат нашите медиуми, на пример Шеталиште на 23 септември – не било сторено. Независно од овој огромен пропуст, а за што можеби капетанот на бродот треба да сноси (кривична) одговорност, се работи за постапка што требало да биде применета согласно националното право на државата чие знаме бродот вее. Според Marin Traffic се работи за брод регистриран во Сент Винсент. Интересно, тоа е земјата каде се најбројни токму македонските „инвестиции“ во странство. Според Капитал (06.09.2013), на пример, за само шест месеци од 2013 година од Македонија се одлеале дури 20,36 милиони евра на Сент Винсент и Гренадини. Според Вести.Мк, таа бројка до крајот на истата година достигнала дури 38,25 милиони евра. Или, со други зборови, Македонија има речиси 40 милиони причини или изговори од Сент Винсент да побара не само темелна истрага, надополнување на истрагата или слично, туку и да биде разгледано прашањето за вина на капетанот во целата оваа афера.

 

СЕКУНДАРНА НАДЛЕЖНОСТ – ЈУЖНИОТ СОСЕД – БРОДОТ СЕ УКОТВИЛ ВО ТАМОШНО ПРИСТАНИШТЕ

Секундарната надлежност значи дека, посебно по укотвувањето во пристаниште на Јужниот Сосед, но и по пријавата од капетанот на бродот, државата на тоа пристаниште требало да ги преземе сите потребни истражни мерки. Но, што ако, на пример не биле утврдени материјалните докази, или како што е денес популарно – не е направен форензичарски скен. Или барем не целосно и треба да се направи дополнение. Меѓутоа, бродот веќе заминал и се движи по – турски води и тоа во Мраморното море (повторно според Marine Traffic). Таму Јужниот сосед и не помислува на надлежност, а сигурно нема да побараат од турските органи да се направи тоа дополнение.

Е, затоа, тоа може да го направи Македонија или поточно нејзината дипломатско–конзуларна служба. Може да се побара било од Сент Винсент тоа да се направи на самиот брод додека плови, било од турските служби кога бродот ќе се  укотви во некое турско пристаниште. Или, ако бродот се укотви во некое бугарско или понатаму руско пристаниште, принципот е истиот. Македонија, по принципот на персоналната надлежност, може да го бара тоа од која и да е држава каде бродот ќе се укотви.

 

КОНЗУЛАРНАТА СЛУЖБА ВО МНР ЈА „ТУРКА“ ИСТРАГАТА ДОДЕКА ТАА СЕ ВОДИ ВО СТРАНСТВО

Значи, залудно се измачувале родителите на Дениса (10без10 Хроника) дали е надлежно нашето претставништво во Солун или Атина, според нас понатаму Истанбул, итн. Се работи за делегирана надлежност на Министерството за надворешни работи на неговите работни единици (дипломатско – конзуларните претставништва) и тоа е надлежниот орган сѐ додека истрагата се изведува надвор од Македонија. Затоа, токму Конзуларната служба во Скопје е таа што треба да состави логична реконструкција на настанот и согласно своите видувања да ги прифати или не истрагата и резултатите добиени од Јужниот Сосед. Ако таа служба не е задоволна – треба и мора да се оди понатаму. Дотолку повеќе што излегуваат и чудни работи на видело. На пример, на 24 септември Пулс24 загатнува што е со СИМ картичката од мобилниот телефон на Дениса? Тоа, автоматски значи дека конзуларците треба да проверат со службите на Јужниот Сосед, па ако не се најде таму да се примени принципот на продолжена истрага. Се разбира, Конзуларната служба не е надлежна доколку истрагата се „префрли“ на македонско тло, а што може многу лесно да се случи доколку имаме предвид дека, доколку е точно тврдењето на нашите медиуми, речиси половина од посадата на бродот биле македонски државјани. Тие, кога и да е, ќе дојдат во Македонија, а тогаш, заедно со документацијата што МНР треба да ја собере и достави, треба на сцена да стапи нашето Министерство за внатрешни работи. Впрочем, за самиот настан е надлежна Сент Винсент, но, за Дениса и нејзиното исчезнување последен збор треба и мора да имаат македонските надлежни органи (обвинителство, суд).

Сѐ чини дека нашите медиуми во овој случај не ги нашле правите извори на кои ќе се потпрат. Сѐ чини дека, сепак, требало и морало да се консултираат експерти за меѓународно и конзуларно право. Впрочем, случајот не е завршен и, за жал, сѐ уште има време…


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска