Цинично и лицемерно е прикажувањето дека СДСМ во Прилеп се сретна со македонските земјоделци, доколку како такви се претставуваат малата група партиски кадри, веќе докажани во фингирање на наводно земјоделско незадолство по партиски налог со фрлање по некоја гајба домати, млеко или блокирање пат во заштита на даночните проневери на некогашниот медиумски газда-нивен соселанец, реагира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по вчерашната средба на потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски со земјоделците.
„СДСМ оправдано се плаши да се сретне со вистинските македонски земјоделци кои ги остави без пласман, со згаснување на големите агро-комплекси, на кои им ги рушеше откупните цени во корист на нив блиските транзициски олигарси, на кои целосно им ја укина финансиската поддршка и успеа да оствари најголем пад на производството и понижувања кои земјоделците уште долго ќе ги паметат.
Впрочем, и покрај изречените дисквалификациии, грубите невистини и лажни прикажувања на сѐ уште незавршената собраниска надзорна расправа за земјоделството, токму самите земјоделци и врвните експерти, ја симнаа лицемерната маска на опозоциските пратеници-јуришници на кои сѐ еуште не им јасно дека немаат елементарно право да се повикуваат на интересите на земјоделците и уште помалку за нив да се грижат“, пишуваат од Министерството.
Оттаму велат дека со последната блокада на Собранието, опозицијата повторно го потврдува континуитетот на својот погубен однос кон македонското земјоделство, во пракса докажан во времето на нивното владеење.
„Министерството за земјоделство и земјоделците во државата оправдано очекуваат, наместо злоупотреба на Собранието и Буџетот за 2013 година за чудни партиски и пред сѐ, лични интереси, СДСМ што побрзо да го одблокира донесувањето на финансискиот план во кој заслужените финансиски средства за земјоделците се една од најзначајните, и од Владата загарантирани ставки, повторно зголемени во однос на тековната година“, се додава во реакцијата на Министерството за земјоделство.