Во овие тешки времиња, на Р. Македонија ѝ се случува колапс на целиот образовен систем: основно, средно и високо образование, не исклучувајќи ја и раната детска едукација, која е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. МОН и Владата на Р. Македонија ја сносат целосната одговорност за континуираните експресни, лоши и непромислени реформи. Возљубени во себе, никогаш не побараа соработка, став и мислење од оние на кои директно се однесуваат реформите или кои образуваат и обучуваат воспитувачи, наставници, професори, студенти.
Ќе започнам од раната детска едукација, која е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, небаре во детските градинки воспитувачите само ги згрижуваат децата, водејќи сметка само за нивните физиолошки потреби. За бројноста на опфатените деца во групата и да не зборувам. Речиси не постои група која нема опфатено над триесетина деца, спротивно на воспоставените стандарди. Мотивираноста на воспитувачите е сведена на минимум заради немање услови за работа, малите плати и нерешениот работен статус на дел од нив (договор на дело). Ова министерство не располага со соодветен вработен кадар кој е запознат со реалната состојба и вистинските потреби на оваа есенцијална рана детска едукација, која ќе го следи детето низ целиот живот. Во овој период, од 0 до 6 години, најважна карактеристика на раниот детски развој е појавата на абсорбирачки ум и интензивна концентрација. Период во кој се развива јазикот, смислата за ред, смислата за себе – конструкција во малата детска заедница и заедницата на возрасните. Не постои можност за надополнување на пропустите. Невниманието ќе остави трајни последици во понатамошниот детски развој. Во овој контекст треба да се надополни и воспитување во духот на педагогија на заедништво, имајќи го во предвид времето на глобализација во кое живееме и ќе живееме.
Во основните училишта наставниците се изложени на силен притисок. Не им се овозможува правото на изразување на незадоволство. Претворени во административци и подложни на континуирани инспекции и казни, не се во состојба ефикасно и со задоволство да ја извршуваат својата дејност. Никогаш непрашани и неконсултирани за вистинските потреби и проблеми, мораат да посетуваат обуки за наставници кои масовно се спроведуваат за сите и не се базираат врз утврдени реални потреби и извршени анализи. Можеби грешам, но не постојат ни повратно добиени резултати од нивното спроведување во реалната и секојдневна воспитно-образовна практика. Имплементирањето на „новините“ наречени Кембриџ ги чини најмалку 2000 денари месечно од нивната плата за изработка на материјали. И замислете, немало незадоволни наставници, а најголема грижа на родителите на децата е незгриженоста на нивните деца, наместо реалните едукативни потреби и проблеми на децата. За феноменот „заменски наставници“ и да не говорам. Кај учениците во периодот од 6 до 12 години се јавува резонирачки, имагинативен, љубопитен ум и потреба за морален и социјален развој. Училиштето и воспитно-образовниот процес во овој период треба да овозможи едукација преку префериран стил на учење (аудитивен, визуелен и кинестетички). Особено треба да се обрне внимание на комбинацијата на интелигенции кои секој ученик ги поседува, и да овозможи нивен развој.
Во средните училишта најгорлив проблем е екстерното тестирање. Кај учениците и професорите сè повеќе расте незадоволството од неговото неефикасно и лошо спроведување. Професорите се подложни на казни и обуки, а средношколците ги чека државната матура и, секако, приемните испити на одбраните факултети. Наместо задоволство и мотивација за запишување на студии, кај нив се јавува отпор, бунт и тотална демотивација. Периодот од 12 до 18 години го опфаќа развојот на рефлективен и интерпретативен ум, развивање на чувство на достоинство и чувство за правда. Екстерното тестирање е токму спротивно од нивните вистински потреби. Формалното знаење и меморирање на факти го оневозможува развојот на рефлективен и интерпретативен ум. Го гуши чувството на достоинство и правда. Професорите мака мачат да ги мотивираат за учење и да го спречат нивното непримерно однесување и бегање од часови. За да се спроведе солидно тестирање, потребно е да се изготват баждарени тестови, т.е. тестови кои ќе поседуваат т.н. мерни карактеристики кои подразвираат: валидност (да се мери во вистинска смисла одредена појава, состојба, законитост), релијабилност (доследност која подразбира по кратко повторување на мерењето да се добијат резултати со коефициент на корелација од 80-90%, инструментот да поседува коефициент на стабилност, хомогеност и еквивалентност), објективност (која подразбира соодвенти упатства и барања), стандардизираност (поседување на мерни единици), дискриминативност (мерење на ситни индивидуални разлики помеѓу постигнатите резултати на испитаниците), применливост (соодветност на развојните карактеристики и дидактичките правила и принципи), практичност и економичност за спроведување. Методолошки е сосема неисправно „преземањето и копирањето“ на тестови од други земји, особено ако не постојат компатибилни образовни програми. Нивните резултати се необјективни и невалидни.
Високото образование се соочува со уште еден обид за губење на сопствената автономија, разнебитување на УКИМ, непочитување на институцијата Ректор, Ректорска управа, Сенат, губење на достонинството на универзитетските професори и студенти, небулозни и неприменливи реформи, за кои многумина мои колеги пленумци пишуваа деновиве. Периодот од 18 до 24 години се карактеризира со губењето на потребата за формативна едукација и потреба за универзитетска – академска специјализација (стекнување на професионални компетенции и вештини), силна потреба за економска, ментална, емоционална и културна независност и потреба за директна партиципација во општеството. Каква би била функцијата на државниот испит во втора и четврта година од студиите? Никаква. Нивната вистинска потреба е потреба за слободен и независен Универзитет. Солидно опремени библиотеки кои подразбираат пристап и размена на литература од сите научни области, спроведување на истражувања, меѓусебна соработка, соработка со професорите, пристап до аудитивни и визулни материјали, пристап до јавни државни статистички податоци од сите научни области од државата и светот, современо опремени предавални, лаборатории, слободен пристап до музеи, градење на современ кампус, достојни студентски домови, простор за забава, рекреација, изведување на перформанси (изложби, претстави, концерти, журки, прослави, ивенти) и реална и протечна меѓународна универзитетска соработка и размена.
проф. д-р Мариета Петрова
Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“, Скопје