За изградениот но забранет пат за Сончев Град ќе се менува Законот за градење

Од:

Патот кој повеќе од две години не е пуштен во употреба иако е изграден е причина Министерството за транспорт и врски да побара измена на Законот за градење. Од Министерството велат дека бараат поедноставување и скратување на процедурите кога ќе се појави потреба од измена на проектот, слична на неопходните измени за патот за Сончев Град, кои треба да се направат поради појавата на свлечишта.

Поради специфичните теренски услови, инвеститорот на патот за Сончев Град, односно Јавното претпријатие за државни патишта, за го пушти во употреба патот треба да направи измена во планската документација, која треба да ги помине сите процедури и да се одобри, потоа да се направат измени во основниот проект, па изменетиот основен проект да го одобри Министерството за транспорт и врски, а дури потоа да биде побаран технички преглед на градбата и одобрение за употреба и на крајот да се достави проект на изведена состојба.

„Со оглед на ограничените средства планирани за изведба на оваа делница и времето потребно за спроведување на наведените постапки, Министерството за транспорт и врски изготви предлог за измени во Законот за градење со кои би се намалиле дополнителните трошоци и би се скратило времето за спроведување на наведените постапки со одредба со која за инфраструктурните линиски градби (каде најчесто и се јавуваат измени поради конфигурацијата и геомеханичките карактеристики на теренот)  финансирани со средства од ЕУ и буџетот на РСМ, сите потребни измени ќе ги одобри надзорот над изведувањето на работите, а инвеститорот ќе се задолжи за измените да изготви проект на изведена состојба. Со тоа одговорноста за направените измени во целост ја презема надзорот како стручно лице, а врз основа на изведбената документација и проектот на изведена состојба, Комисијата за технички преглед,  определена од министерот, врши технички преглед и дава предлог дали вака изведената градба може да се стави во употреба“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Од Министерството нагласуваат дека новата одредба ќе се однесува само на измени од помал обем со минимални отстапувања од одобрената траса, додека за другите градби ќе се спроведува постапката што веќе е предвидена со Законот за градба.

Измените на документацијата за патот за Сончев Град траат трета година. Откако неколку пати се смени трасата поради свлечишта, патот беше целосно изграден на почетокот на 2017 година. Од тогаш Јавното претпријатие за државни патишта се обидува да го изедначи она што е изградено на терен со она што стои во документацијата, што, пак, е услов патот да биде пуштен во употреба. Директорот Зоран Китанов и лани на почетокот на годината, а и годинава вели дека „патот многу скоро“ ќе биде пуштен во употреба објаснувајќи дека документацијата е на одобрување во Министерството за транспорт и врски.

Изградбата на патот за Сончев Град почна во јуни 2013 година и покрај сериозните забелешки и противења тој да ја пресече парк-шумата Водно. Патот е долг 4,4 километри и за неговата изградба, според јавно достапните податоци, се потрошени 7,7 милиони евра.

Би можело да ве интересира

Десет години за 4,4 километри: Патот Водно-Сопиште изграден чека „амин“ од институциите

Апелација и изменетиот Кривичен законик го урнаа „Топлик“: Предметот застарува за сите обвинети

Апелација ја укина првостепената пресуда за „Tоплик- Сончев град“ и предметот го врати на повторно постапување

Горан Наумовски

Кој ќе добива надомест од 6.000 евра во Телеком? Советник на Царина го менува Китанов во одборот на директори

Орце Костов

Одземена лиценцата за работа на „Беса Транс БТБ“

А1он

Министерството за транспорт и врски потпиша Меморандум за соработка со сите општини

А1он