За ѓубрето бевте експресни, за УСЈЕ истражувате три години, Арсовска му пиша на Бубевски

Од:

Од медиумите, поточно од вашата изјава за телевизија Канал 5 емитувана на 20.12.2025 година, дознав дека по кривичната пријава поднесена пред три години за загадување од страна на „Титан Усје“, водите два паралелни предмети, што досега е незабележана пракса, вели во писмото до обвинителот Гаврил Бубевскиа поранешената граодначаланичка на Скопје Данела Арсовска.

Обраќањето го пренесуваме во целост:

Како што наведовте, едниот предмет се однесува на истрага за утврдување на поврзаноста меѓу ПМ10 честичките и емисиите од фабриката. Нејасно е зошто е потребна посебна, долготрајна студија за утврдување на оваа поврзаност. Официјалните институционални мерења, спроведени согласно законските надлежности по барање на Град Скопје од страна на Министерството за животна средина, не оставаат простор за ваква дилема, особено не по истек од три години.

Мерењата извршени од лиценцирана, независна и акредитирана лабораторија, доставени до Министерството за животна средина и до Град Скопје, а потоа и до вас преку кривична пријава, утврдија значително надминување на максимално дозволената гранична вредност од 50 μg/m³, при што е измерена вредност од 121 μg/m³.

Она што се надевам дека е предмет на вашата тригодишна истрага е фактот дека акредитираните мерни инструменти на независни лаборатории покажаа енормно загадување, не само од азотни оксиди, туку и од ПМ10 честички предизвикани од „Титан Усје“. Овие инструменти беа поставени во кругот на фабриката, веднаш до мерниот уред на „Титан цементарница Усје АД Скопје“. Во истото време кога се мереше независно и се докажа загадување, приватниот мерен инструмент, сопственост на фабриката, чии резултати компанијата секојдневно ги користи за да тврди дека никогаш не загадувала, покажуваше дека нема никакво загадување.

Се поставува прашањето дали во изминатите три години е истражено како е можно нивниот инструмент да не регистрира загадување, додека во исто време независните инструменти покажуваат екстремни вредности, што упатува на можност за манипулација со мерната опрема од нивна страна со цел континуирано загрозување на здравјето на граѓаните.

Со одолговлекувањето на постапката против „Титан цементарница Усје АД Скопје“, фактички им беше овозможено со години да продолжат со загадувањето, со сериозни последици врз здравјето на населението и врз животната средина.

Во однос на вашата изјава дека водите втор предмет за постапувањето на институциите за време на вонредните контроли спроведени минатата зима во повеќе индустрии, при што наведувате дека одредени институции не доставиле извештаи до обвинителството, меѓу кои и градските инспектори за животна средина, потребно е да се појасни следново.

Инспекторите на Град Скопје во тој период спроведоа координирани вонредни контроли по претходни состаноци со останатите надлежни институции, токму согласно вашите укажувања, но и нашите инспектори беа ЕДИНСТВЕНИ кои и без ваше укажување постојано постапуваат. Во текот на изминатиот четиригодишен мандат, тие самостојно имаат извршено повеќе редовни и вонредни контроли од сите општински инспекторати за животна средина во државата и од Државниот инспекторат за животна средина собрани заедно.

Со оглед на фактот дека за загадување предизвикано од неиспразнети контејнери, на в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ експресно му беше поднесено обвинение, без спроведување на повеќегодишни анализи или студии, а за Титан цементарница Усје АД Скопје 3 години се истражува веројатно имајќи ги предвид милионите со кои тие располагаат, сметам дека постои основ за оправдан сомнеж во еднаквоста на постапувањето.

Поради тоа, го поднесувам ова барање за пристап до информации од јавен карактер и ве молам за прецизен, целосен и сеопфатен одговор на овој е-маил.

Врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, барам да ми ги доставите следните информации за периодот 2021, 2022, 2023, 2024 и 2025 година, заклучно со денот на поднесување на ова барање, прикажани одделно и јасно за секоја календарска година:

1. Вкупниот број на примени кривични пријави по основ на кривични дела против животната средина и природата во секоја календарска година, како и бројот на пријави за кои биле донесени јавнообвинителски одлуки, со прецизно наведување на годината во која за секоја конкретна пријава е донесена јавнообвинителската одлука.

(Пример: Во 2021 година се примени XXX пријави, од кои за XX е донесена одлука во 2021 година, за XX во 2022 година, а за XX сѐ уште не е донесена одлука.)

2. Бројот на пријави кои биле отфрлени или затворени, прикажани по години, доколку такви случаи постојат.

Причината за ваквото детално барање произлегува од ниското ниво на јавна доверба во институцијата, како резултат на повеќе конкретни и јавно познати случаи на непостапување или неоправдано одолговлекување во одредени предмети, наспроти итно постапување и одлучување во други случаи со ист или сличен основ.

Имајќи го предвид наведеното, ве замолувам да не ме упатувате на јавно достапни извори, годишни или збирни извештаи, туку бараните информации да ми бидат доставени прецизно, целосно и во формата во која се побарани, со цел да се овозможи реален, споредлив и проверлив увид во начинот на постапување.

Бараните информации ве молам да ми бидат доставени во електронска форма на оваа е-маил адреса, во рамките на законски утврдениот рок.

Би можело да ве интересира

Арсовска за кривичната пријава против УСЈЕ: Прашајте го Обвинителството зошто три години молчи

Предраг Петровиќ

ТИТАН Усје: Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално

А1он

Арсовска: Го чекаме режимскиот диктатор Мицкоски да покрене постапка за УСЈЕ

А1он

Арсовска прифати 24-часовно обезбедување, но не соработува со Одделот за внатрешна контрола, тврди Тошковски

Катерина Ѓуровски

Кажете и на Марта Кос дека во Македонија мафијата си има своја држава, Арсовска му пиша на Рокас

Катерина Ѓуровски

Цементарница УСЈЕ: Неосновани, неточни и целосно паушални се обвинувањата дека сме „најверојатно најголем индустриски загадувач“ во Скопје