Скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ околу наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност е уште една политичка конструкција без покритие, со единствена цел да се дефокусира јавноста и да се креира лажна слика пред избори. Тоа денеска го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој повторно ги повика институциите – веднаш и целосно да ги декласифицираат документите за случајот.
„Не знам што мислеше ВМРО-ДПМНЕ кога го пушти скандалот – дали мислеа дека ќе се исплашиме? Но ние немаме од што да бегаме. Вистината е една, и ако излезе на виделина, ќе видат граѓаните дека во времето на владеење на СДСМ немало апсолутно никаква злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност, ниту некакво незаконско пратење или прислушување“, изјави Филипче.
Филипче укажува дека зад одбивањето на Владата да ги обелодени документите, се крие страв – не од злоупотреба, туку од тоа дека ќе се покаже отворено дека аферата е измислена и подметната.
„Сè што треба да направи Владата е материјалите да ги декласифицира. Тоа е едноставно. Ако навистина сакаат јавноста да знае што се случувало, тогаш нека дозволат увид во документите. Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог“, порача Филипче.
Тој предупреди дека со одбивањето да се декласифицираат документите, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја гази улогата на Собранието и го поткопува Уставот.
„Жалам што ниту на пратениците не им е даден увид во тие материјали, иако тие имаат соодветни безбедносни сертификати. Со тоа, на некој начин е погазен Уставот“, рече тој.
Премиерот Христијан Мицкоски за барањето за декласификацијата на прислушуваните материјали по наводите за негово незаконско прислушување како опозициски лидер денеска изјави дека Обвинителството има процедура.
– Си има процедура Обвинителството, во нивни раце е, така што на таа тема повеќе нема што да додадам, сепак тоа се теми во кои сум бил индиректен учесник и не би имал што да кажам, рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на ГОБ „8 Септември“ каде во тек е реконструкција на седум операциски сали, блокот за патологија, биохемија и целосно опремување на болницата по најмодерни стандарди.
Прашан за поплаките од опозицијата дека вчера не им бил дозволен увид во документација во Агенцијата за национала безбедност рече дека „не би сакал да коментира такви класифицирани работи“.
Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање вчера на седница одлучи членовите на оваа Комисија кои имаат безбедносен сертификат да ја посетат АНБ и да ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени, а беше донесена одлука и денеска да ја посетат Агенцијата за разузнавање.
Комисијата заседаваше по објавата на информацијата дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, како и новинари и бизнисмени.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 2 септември информираа дека по насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оформиле предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот Христијан Мицкоски.