ВИДЕО: За директорот на ЕЛЕМ систематизацијата е интерен документ, но според законот мора да е јавно објавен

Од:

За директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, систематизацијата на работни места во компанијата е интерен документ и не е од јавен карактер. Ова е одговорот на Миновски на прашањето зошто документот кој треба да покаже дали синот на пратеничката Мира Стојчевска е вработен на оглас со посебни критериуми не се доставува до медиумите. Спротивно од неговите тврдења, од Комисијата за заштита на информации од јавен карактер за „А1он“ потврдија дека документот треба да биде објавен на веб-страницата на компанијата и истиот не е документ со класифициран карактер.

„Систематизацијата е интерен акт. Систематизацијата не е акт кој може да се сподели со јавноста и не акт од јавен карактер на компанијата. Така е одлучено со Управниот одбор. Документот е доставен само до aнтикорупциска комисија. Сè додека таа не одлучи по однос на доставените документи, ние не можеме да го споделиме со јавноста“, рече Миноски.

Според Законот за пристап до информации од јавен карактер, правилникот со кој се регулира бројот на вработени, нивниот распоред, како и потребните квалификации за вработување, е дел од 21 документ кои мора да бидат јавно достапни.

Државната ЕЛЕМ одбива да го достави и годишниот план за вработување на компанијата, каде што е наведено колку работни места е предвидено да се отворат во текот на годината, а во кој се гледа и дали е предвидено ново работно место на позицијата на која е вработен Виктор Стојчевски. Токму овие документи треба да го дадат одговорот дали синот на пратеничката Мира Стојчевска е незаконски вработен во ЕЛЕМ, бидејќи тој имал работно искуство од 19 месеци, а неофицијално, за работното место на кое работи сега, според систематизацијата е потребно искуство од 24 месеци.

Условите за вработување, според систематизацијата, на работното место инженер за нови технологии – приправник, ги исполнувале другите двајца пријавени кандидати, кои пријавиле дека имаат работно искуство од 10 и 20 години. Но, овие кандидати не биле подобни оти ЕЛЕМ одлучила да не се води според стажот, туку според возраста бидејќи нивната определба била да инвестираат во млад кадар.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрова: Бесими незаконски потпишал согласности за 3.000 вработувања во државни институции

Горан Наумовски

Конкурси за вработување во здравство по избори, дотогаш продолжен договор на дело

ВМРО-ДПМНЕ: По 400-те ново вработени во ЕЛЕМ, вчера за во МЕПСО, објава за 90 нови партиски вработувања

Горан Наумовски

Ковачевски: Министрите чии роднини работат во М-НАВ си даваат ставови, не можам да им бидам портпарол

Николовски за внукот кој работи во М-НАВ: Се работи за највисоко стручен кадар, треба да се бориме таквите да ги задржиме дома

Александар Тодески

Не смее да се вработува освен за испразнето место, но фалат луѓе во администрација вели Бесими

Анита Петровска Рајковиќ