Петтмина врховни Фаик Арслани, Ристо Катевеновски, Џемали Саити, Африм Фидани и Цветанка Периќ, по неколку месеци од поднесувањето му ја одбија како недозволена жалбата на обвинетиот Душко Лазаров кој со неправосилна пресуда беше осуден за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
Според жалбата на семејството на Лазаров, кога Кривичниот суд му определил притвор на Душко Лазаров пропуштил формално да му ја укине гаранцијата, па на сила oстанале двете мерки.
Лазаров беше осуден на 15-годишна затворска казна за загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Обвинителството со изрекувањето на пресудата побара од судот и доби притвор за Лазаров до правосилноста на пресудата, во време кога постоеше активна гаранција од 769.355 евра со хипотеки во недвижен имот.
„По наоѓање на овој суд, со сега обжаленото решение КОКЖ.бр.16/19 од 23.04.2019 година, Апелациониот суд само го санирал пропустот на првостепениот суд, кој кога определил најстрога мерка за обезбедување присуство спрема обвинетиот, бил должен, но пропуштил формално да ја укине гарацијата“, пишува во образложението на врховните судии.