Време е граѓаните да водат главен збор

Од:

Најмалку во онаа мера во која желбата на политичарите за промена на власта зависи од желбата на граѓаните за подобро утро, овие вториве треба да ги искористат облиците на т.н. делиберална демократија за да се изборат за сопствените интереси.

Ана Анастасовска

Сочувајте ја демократијата или препораката за датум за преговори ќе ви биде одземена. Ова беше главната порака што пред два дена европратеникот Ричард Ховит ја испрати до Македонија, за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур, по повод Резолуцијата за Македонија, подготвена од европратеникот Иво Вајгл.

hovit-so-datum– Испраќаме остра порака до македонските политичари дека не ги исполнуваат своите обврски за кои нема алтернатива. Остра порака што не е насочена против македонскиот народ, туку за нив, за вашата демократија и за подобра иднина на вашата земја. Сигурни сме дека тоа го сакате, а вашите политичари ќе мора да покажат дека и тие тоа го сакаат – порача Ховит.

Како тоа Македонците да си ја вратат демократијата? Дали дел од решението на проблемот е да се реафирмираат облици на непосредна демократија, особено во време кога претставничката демократија не дава резултати? Можат ли граѓаните во Македонија, покрај, па дури и наспроти политичарите, да почнат непосредно да одлучуваат за својата иднина и да ја избават земјата од политичката агонија во која се наоѓа веќе подолго време?

Непосредната демократија е облик на управување, каде што правото на донесување политички одлуки директно го користи севкупното граѓанско тело, дејствувајќи согласно со постапката за владеење на мнозинството. Овој облик на демократија е изводлив само во мали ентитети. Токму затоа, ниту еден современ демократски систем не е сведен на облици на непосредно одлучување. Институциите на непосредната демократија се јавните собири, народните законодавни иницијативи, отповикувањата, референдумите…
Експертите велат дека референдумот е најавтентична форма на директна демократија. Им овозможува на граѓаните директно да се вклучат во донесувањето политички одлуки и јасно да се изјаснат за одредено прашање. Преку него, граѓаните го остваруваат својот суверенитет. Референдумот е светла одлика на секое демократско општество. Со него, сите граѓани добиваат силен глас и моќ да донесат одлука за најважните прашања од нивен интерес. Истовремено, тој е алатка со која граѓаните ја корегираат власта и ја зголемуваат одговорноста кај политичарите. Преку референдумот власта се враќа во рацете на граѓаните!

Така е во теоријата. Што се случува во Македонија?

18532263312_077399cf58_o

Референдумот меѓу потребите и манипулациите

Кај нас формално се утврдени сè повеќе облици на непосредна демократија. Почнувајќи од примарното, локално ниво, каде се предвидуваат општински референдуми, собири на граѓаните и други видови на непосредни граѓански иницијативи и форми на учество во одлучувањето, па сè до референдум на државно ниво и граѓанската законодавна иницијатива, со која 10.000 граѓани можат да предложат закон во Собранието на РМ.

bojan– За волја на вистината, граѓаните во изминатите 25 години посегнале речиси по сите овие форми за искажување некој свој став или политичка мобилизација за одредено важно локално или државно прашање. Уште со иницијативата за референдум за предвремени избори во 1996 година и неуспешниот референдум за територијална организација во 2004 година, па во продолжение со иницијативите за референдум во Општина Центар во 2009 и 2010 година, како и референдумот за спас на ГТЦ или спас на Зеленилото во Карпош 4 и законодавната иницијатива на АМАН, јасно беше дека тешко се остваруваат каузите на иницијативите што потекнуваат непосредно од граѓаните без поддршка или само со заднинска поткрепа на политичките партии – посочува аналитичарот Бојан Маричиќод Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Според него, законите се скроени така што е многу тешко која било форма на граѓанска мобилизација да успее докрај во својата замисла. Поставени се високи прагови и цензуси за достигнување.

– Дополнително на ова, начинот на кој се применуваат законите за овие граѓански иницијативи ги соочуваат граѓаните со многу административни тешкотии – недостапни и малубројни места за собирање на потписите од граѓаните, непредвидени трошоци на иницијаторите и слично. Тоа укажува дека на властодршците, а особено на овие што владеат во последните десет години, не им одговара лесно овозможување на какви било граѓански изјаснувања кои излегуваат вон владејачката политичка агенда и контрола. Актуелната власт покажа дека е подготвена на многу чекори за задушување или отежнување на која било граѓанска иницијатива „оддолу нагоре“ која не е контролирана од неа – вели директорот на МЦЕО.

Покрај тешките процедури за организирање и спроведување референдум, клучен проблем е што мотивите за референдумот се длабоко политички, а понекогаш и политикантски. Точно е дека политичките партии препознаваат моментум во секое изјаснување на граѓаните за мобилизација на сопствените потенцијали и „фаќањето на бранот“ за добивање поддршка за својата кауза, посочува Маричиќ, но тоа, според него, е нормално, доколку не е претерано, нечесно и не манипулира со чувствата на граѓаните.

– Впрочем сведоци сме дека и во Велика Британија во последниве неколку години се случија два референдума, на кои политичките партии успеаја да соберат или изгубат политички поени. Исклучок не се ниту Шпанија, Франција, Холандија или Швајцарија. Кај нас не е проблем што партиите искористиле мегдан за политичка мобилизација, туку проблем претставува кога таа мобилизација преоѓа во поигрување со верските или етничките чувства или стравови, што води до трајни поделби и потенцијални конфликти. На пример, токму ВМРО-ДПМНЕ се врати во политичка игра за освојување на власта преку референдумот за територијална организација во 2004 година, иако не направи ништо подоцна како власт за измена или поништување на актуелниот концепт за територијална организација против кој организираа кампања за референдумско изјаснување.

16815901934_fdf099fa17_o

Она што ни недостасува е делиберална демократија

Има експерти што велат дека во Македонија се потребни законски измени, со цел да се олеснат процедурите за организирање и спроведување референдум. Одговорот на ова прашање, според универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски е – не!

ljubomir– Постои еден теоретски проблеми кај референдумот, а тоа е мислењето дека референдумот е најдемократско право. Но, не е баш така. Во современите демократии постојат форми на консултации со граѓани, експерти, невладини организации, преку јавни трибини и слично. Тоа се нарекува делиберална демократија и таа е тренд во современите демократии. Идејата е да се слушне гласот на народот, граѓанските иницијативи да се земаат предвид во донесувањето на одлуките. Кај референдумот има проблем со масовноста на мнозинското изјаснување за битни прашања и тоа е така намерно направено, за референдумот да не се злоупотребува врз разни основи, расистички или етнички итн. Има работи за кои не може да се одлучува на референдум. На пример, човековите права. Не може да се постави прашање дали да има или да нема човекови права. Или, за даноците, дали да има или да нема даноци. Референдумот е психологија на толпата и тој се ограничува, како кај нас, така и во други држави, односно тој се користи само за крупни прашања, како, на пример, промена на граници или слично – објаснува професорот Фрчковски.

Тој додава дека референдумот исто така е ограничен и на локално ниво.

– Не може, на пример, да се стави на референдум прашањето дали во некое маало смеат да живеат Роми или не. Во теоријата на демократијата, не се препорачува референдумот за сите прашања. Во современите демократии, повторно ќе кажам, тренд е да се прават консултации со експерти, граѓани, невладини организации, кои ќе се вклучат во работата и одлучувањето на институциите, што кај нас не случај – дециден е Фрчковски.

И универзитетскиот професор Денко Малески посочува дека швајцарското референдумско искуство е исклучок и дека референдумот како облик на непосредна демократија не се употребува многу често во претставничката демократија, бидејќи токму суштината на претставничката демократија е народот преку своите претставници да одлучува.

– Референдумот може да се примени за донесување некоја клучна одлука во момент на криза, на пример, како што беше случајот со Де Гол во Франција, кога народот ја спроведе политиката на деколонизација, кога камен околу вратот на Франција и беше да се ослободи од последните колонии. И тогаш референдумот беше искористен за да се извлече земјата од криза. Во услови на претставничка демократија, демократските институции треба да функционираат така што државните политики ќе се креираат во согласност со мислењето и ставовите на граѓаните и на тој начин да се создава стабилност во општеството. Повиците на народот на референдум можат да одат во негативна или во позитивна насока, манипулациите не се исклучуваат и поради тоа референдумот ретко се користи – објаснува Малески.

Референдумот за ГТЦ можеби и успеал?!

 Последен референдум кај нас беше оној што го спроведе Општина Центар лани летото, под мотото „Да го зачуваме ГТЦ“. Мотивот беше да се спречи власта да го преоблече Градскиот трговски центар во барокно руво. Претходно имаше бројни реакции од архитекти, граѓански активисти од невладините организации и граѓани на општината. Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ организираше кампања за зачувување на изгледот на објектот (решение на група архитекти предводени од познатиот починат архитект и професор Живко Поповски) и разни настани, меѓу кои и симболичното „гушкање“ на Центарот од граѓаните, кои се држеа за раце околу него.

Но, ваквите повици никој од оние што решија да го преобразат ГТЦ, не ги зедоа предвид. Поради тоа граѓаните се решија на референдумско изјаснување, на прашањето „Дали се за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ?“. Сепак, референдумот не успеа, бидејќи не беше исполнет потребниот цензус од 50 отсто, односно наместо потребните речиси 22.000 гласа според Избирачкиот список, идејата за зачувување на автентичноста на објектот во огромен процент ја поддржаа излезените повеќе од 17.000 избирачи, а другите не гласаа.

9044541869_21152c5a45_o

Архитектката Даница Павловска од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ тогаш изјави дека референдумот сепак е успешен, бидејќи 17.844 лица гласале да се задржи автентичниот изглед, а недоволниот успех со излезноста на референдумот не ги спречи активистите да ја продолжат битката за ГТЦ. Имајќи ги предвид и многубројните неправилности во Избирачкиот список, кои деновиве почнаа да се излегуваат на виделина, како и големиот број фантомски гласачи пријавени од страна на граѓаните, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, неодамна реагираше:

15812413975_6ed24e4f96_o– Дополнително, се отвора уште едно прашање, кое навистина ги засега граѓаните на Центар и на Скопје, се разбира и лично мене. Имено, да не беше вака „набилдан“ Избирачкиот список во Центар, ние всушност ќе имавме и административно успешен референдум за ГТЦ, бидејќи се постигнува излезност од повеќе од 50 отсто од реалното гласачко тело! Анализата на ДИК ќе треба да покаже и докаже дека фиктивно високиот праг од 50 отсто директно влијаел на конечниот исход – напиша тој на Фејсбук.

Граѓаните да дејствуваат, политичарите да слушаат!

Како и да е, искуствата покажуваат дека пред нас е период кога треба да се направат многу посериозни обиди за директно вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките. Искуствата и експертските мислења упатуваат на заклучокот дека при тоа сепак не треба да се оди „со главата во ѕид“, бидејќи во вака партизирано и политизирано општество не треба да се посегнува по најробусните алатки на непосредното изјаснување, каков што е референдумот. Но, најмалку во онаа мера во која желбата на политичарите за промена на власта зависи од желбата на граѓаните за подобро утро, овие вториве треба да ги искористат облиците на т.н. делиберална демократија за да се изборат за сопствените интереси.

Доколку тоа не се случува, поврзувањата на граѓанските организации и иницијативи со политичките партии врз база на „заеднички каузи“ ќе се доживуваат како непринципиелни сојузништва и обиди за „пучови“. Менувањето на таа перцепција веројатно е клуч за успехот на граѓанските иницијативи.

портал Граѓаните.мк.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска