Шест провокативно облечени девојки од излози на булеварот Св. Климент Охридски на скопјани им нудат сексуални услуги. Една насока од булеватот е затворена.
Секоја има свој излог и различен настап по примерот на сексуалните работнички од борделите на „Улицата на црвени фенери“ во Амстердам.
Публиката има можност да разговара со девојките, но преку стакло. Тие ќе поставуваат прашања од типот ‘дали вакво нешто му треба на Скопје ‘ и слично, а публиката ќе одговара со гестикулации, најави Борче Божиновски, претседател на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“.
Девојките ќе бидат во излозите на објектот до клубот „Вулкан“ од 17 до 22 часот, со пауза од 19 до 20 часот. Божиновски вели дека целта на овој перформанс е отсликување на шармот на Улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам, со цел на јавноста да ѝ се покаже дека во Македонија има сексуални работници, но тие се скриени, стигматизирани од околината и трпат насилство што не може да го пријават.
Излогот е дел од годинашното одбележување на Меѓународниот ден за борба против насилство врз сексуални работнички.
И годинава сексуалните работнички за своите права ќе се борат преку традиционалната парада на црвените чадори, која е закажана в недела на улицата Македонија. Мото на парадата е „Стоп на насилството врз сексуалните работници!“
Излозите со девојки и парадата се во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ во соработка со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.