По денешното речиси шест часовно судско рочиште за набавката на екстра луксузниот Мерцедес, на кое сведочеа четворица сведоци, екс премиерот Никола Груевски изјави дека е фрлена нова светлина врз судењето.
Груевски рече дека според првиот сведок, кој бил на раководна позиција во „Ауто Македонија“, потврдил дека од 2005-2006 година е променет законот и не е можно генералниот застапник да биде единствениот кој може да достави понуда на тендер. Со тоа, како што рече Груевски, паднала „Во вода како кружа“ тезата на СЈО, дека со тендерот бил протежиран економскиот оператор.
За сведокот кој е вештак за економско вештачење, Страхил Глигоровски изјави дека потврдил дека компанијата од продажбата на мерцедесот, не остварила екстра профит.
Груевски се осврна и на сведочењето на техничкиот вештак, Тале Герамичиоски и рече дека судот ги одбил приговорите на одбраната дека неговото вештачење е пристрасно, бидејќи Герамичиоски му бил политички противник, заедно со раководителот на фирмата која го вршела вештачењето, Димитар Бузлевски.
Груевски рече дека вештакот споредил одредени делови од мерцедесот со делови од брендовите БМВ и Ауди, но пропуштил тоа да го направи со автомобили од други континенти. Следното судско рочиште за „Тенк“, кога ќе бидат изведени писмените докази, судијката Добрила Кацарска го закажа за 8 мај.
Васко Маглешов