Со положување букети свежо цвеќе пред бистите на народните херои Ѓоце Стојчески Амбарче во малиот парк во тетовската населба Саат маало како и на Тодор Ципоски Мерџан, што се наоѓа во дворот фабриката „Тетекс“ во Тетово, во организација на Сојузот на борци беше одбележана 73-годишнината од нивното загинување и загинувањето на нивните соборци и жители во борбата на Третиот тетовски партизански одред во гостиварското село Беличица.
– Третиот тетовски партизански одред беше формиран на 8 август 1944 година во кумановското село Рамно. Во неговите редови влегоа прекалени борци од Третата македонска бригада и поголем број од нив беа од Тетово и тетовско и она што е уште поважно во неговите редови имаше Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, рече Јоцко Димитриески од Сојузот на борци.
Тој потсети дека со наредба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ тој беше упатен во западна Македонија и требало да учествува во завршните борби за конечно ослободување на Македонија, но на 19 септември откако во раните утрински часови пристигнале во селото Беличица да се одморат на патот кон слободната територија, борците биле опколени од помногубројните и подобро вооружени фашистичко балистички формации.
– Во жестоката неколкучасовна нерамноправна борба борците од Третиот партизански одред направиле се за одбрана на селото но не успеалеа да го спасат селото и да се пробијат од обрачот. Тука загинале 19 борци на одредот заедно со народните херои Амбарче и Мерџан, а од четворицата заробени по два дена тројца од нив биле стрелани во дворот од црквата Свети Никола во Тетово каде еден борец преживел, билтешко ранет по што му бил поштеден животот. Во борбите во Беличица биле убиени и 19 селани, а злосторниците потоа го запалиле селото, рече Димитриески.
Според него, злосторството во Беличица потсетува на мрачната страна на фашизмот и неговите следбеници но и истовремено опоменува да не се дозволи повторно, додека херојската смрт на 21 партизан и храброста на селаните кои ги положија своите животи за слобода на Македонија обврзуваат да им се оддаде почит за нивните дела.
Денеска пред спомениците на народните херои се поклонија претставници на Сојузот на борци, Здружението на резервни офицери како и од политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ додека на чествувањата присуствуваа повеќе граѓани, ученици и други почитувачи на НОБ.