Во Основниот суд Скопје 1 Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Монструм“ во кој за тероризам и помагање тероризам обвинети се шест лица.
Одбраната на обвинетиот Фејзи Азири, како сведок предложи земјоделец кој садел лубеници на нивата на Азири, која се наоѓа на стотина метри од Смилковското езеро. Тој рече дека критичниот ден од нивата си заминал околу 19 часот и 30 минути и оти не слушнал пукање, ниту видел некој од обвинетите.
Сведочеше и берберот на обвинетиот Агим Исмаиловиќ кој рече Исмаиловиќ никогаш немал долга брада.
Судскиот процес за „Монструм“ треба да продолжи утре. На првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ им се суди во отсуство. Тие се во затворот во Приштина, Косово, каде чекаат судска постапка за недозволено поседување оружје.
На 12-ти април, на велики четврток, минатата година на свиреп начин и без причина беа убиени кај Смилковското езеро Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.