По повод големиот христијански празник „Водици“ во Штип традиционално на две места беше фрлен светиот крст. Во штипско Ново село светиот крст се фрла во водите на реката Брегалница, каде што и годинава учествуваа 20 момчиња од оваа стара штипска населба. Роберт Ефтимов го фати крстот, а годинава желба му е да има здравје и среќа.
Митрополитот на Брегалничката епахија, господин Иларион традиционално го фрли крстот во водите на Градскиот базен, каде што присуствуваа илијадници штипјани. Николче Панов годинава го фати крстот во водите на Градскиот базен.
Градоначалникот на Општина Штип, Зоран Алексов вели дека и годинава штипјани масовно го прославија овој голем православен празник, а на момчињата кои го фатија светиот крст им подари лап топови.
Во Радовиш по вторпат годинава светиот крст беше фрлен во Градскиот базен, а го фати Горан Илиев, кој по вторпат учествува во оваа манифестација. Илиев вели дека минатата година Светиот крст го фатил неговиот брат. Очекува годинава и тој да има среќа и здравје. Новиот кум на „Водици“ во Радовиш е заменик менаџерот на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов. Во Радовиш големиот празник „Водици“ беше прославен од страна на верниците, кои што на Градскиот базен се сообраа масовно да го проследат фрлањето на светиот крст.