Со поклонување во чест на загинатите бранители и со положување цвеќиња, денеска пред споменикот „Карпалак“ во Прилеп се одржа централното одбележување на 16-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово на 8 август 2001 година кога армискиот конвој беше пречекан во заседа.
Претставници на семејствата на загинатите, делегации од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Владата предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од Министерството за одбрана и генерал-штабот на АРМ предводена од бригадниот генерал Павле Арсоски, од локалната самоуправа на чело со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, од здруженија на бранителите, од политички партии и граѓани се поклонија пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
Потсетувајќи дека 8 август 2001-та е еден од оние денови кои се врежани во меморијата и историјата на оваа земја, прилепскиот градоначалник и учесник во настаните кај Карпалак Марјан Ристески, рече дека бранителите вечно остануваат запаметени дека бестрашно застанаа на браникот на татковината.
– Денес и после 16 години од овој ужасен настан, колку и да сакаме, колку и да се трудиме, никој од нас не може да ја оттргне болката од нашите срца за Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Веби Рушитоски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Дарко Вељаноски, Љубе Грујоски, Пеце Секулоски и Марко Деспотоски, кои го дадоа својот живот во одбраната на Република Македонија. Со оваа заедничка средба, стоејќи пред нивниот споменик, докажуваме дека тагата нѐ сплотува и нѐ прави посилни и дека никој не може да нѐ оттргне од нашата намера да ја сакаме и да ја браниме нашата земја, рече Ристески.
Министерот Сугарески нагласи дека злото од 2001-та не смее и оти е сигурен дека не може да се повтори и нагласи дека сега е битно обединувањето.
– Од ова место, сеќавајќи се на загинатите бранители, испраќам сериозна порака дека обединувањето во Република Македонија се случува и мора да се случи во идниот период. Тоа што се случуваше пред 16 години е недозволиво и не смее да и се случи на Република Македонија, рече Сугарески.
Утринава делегации ги посетија гробовите на загинатите бранители, а во црквата „Света Петка“ во населбата Точила се одржа панихида за загинатите.