Стотици верници денеска во прашката катедрала Св.Вит присуствуваа на свечената богослужба по повод одбележувањето на 1.150 годишнината од доаѓањето на браќата Кирил и Методиј во Голема Моравија.
Годинава и во Чешка, како и во повеќе земји во светот, се прославува делото на словенските просветители Кирил и Методиј, родени во Солун во деветиот век. Познатите мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија, ја создале глаголицата, првата словенска азбука во 863 година.
Деветти март е датум кога Архиепископот Арношт од Пардубице со царот и кралот Карл Четвртти ги прогласиле солунските браќа за покровители на чешката земја, јави дописникот на МИА од Прага.
– Јубилејот кој е значаен во светот се однесува на целата наша држава и општеството, бидејќи мисионерската мисија на Кирил и Методиј е поврзана со создавањето на првата црковна покраина, како и со првиот државен устав на нашата земја. Затоа е соодветно, Чешката епархија во главниот град на државата да почне со заедничката прослава, рече епископот Франтишек Радковски.
На мисата присуствуваше и вицепремиерот и министер за надворешни работи Карел Шварценберг, кој на верниците им порача да се обидат да го сочуваат растојанието од политиката и државата.
– Ве предупредувам пред тоа, сочувајте, ве молам, здрава дистанца од политичарите и државата. Не ни е во полза, на нам католиците кога многу се приближуваме до државата, рече Шварценберг, откако го спомена неодамнешното потпишување на договорот за обештетување на црквата од страна на државата.