Во очекување на главниот предмет на Т

Од:

За наша среќа, шпекулативно е прашањето, а не трагична реалност, како би изгледала денес Македонија, доколку насилниците и нивните политички ментори, пред точно еден месец, успеаја во намерата да предизвикаат граѓанска војна со планираното убиство на Зоран Заев и Али Ахмети. На денешен ден, сигурно би зборувале за десетици мртви цивили како последица од секојдневните граѓански судири, но и судири на еднопартиската армијата и полиција со албанското население, кое веќе не би ја признавало таквата Македонија за своја држава.

Наспроти сегашната маргинализраност, во тоа, за нив, успешно сценарио, Груевски и Иванов би биле неизбежни соговорници на странските дипломати и посредници, во нивната грчевита потрага по решeние за конфликтот и запирање на нови жртви; СЈО, доколку и би постоело, веќе не би смеело да помисли да продолжи со истрагите од бомбите; за криминалите и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ би било депласирано да се зборува, во ситуација кога државата се распаѓа. Без претерување, би имале состојба идентична како онаа во 2001 година, кога воениот конфликт ја покри мега аферата „Големото уво“, но и ги избриша од јавната дискурзивна агенда темите за коруптивното владеење на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски, Драган Даравелски и останатите, кога за еден маус или тастатура министерствата плаќале и по 1500 германски марки, а на што деновиве не потсети во својата колумна Петар Гошев.

За тоа да би им се остварило на Груевски & остала багра, би требало на 27. април да успеале во монструозната намера билансот од насилието да биде 2-3 убиени пратеника и уште толку протестанти, кои партијата перфидно би ги жртвувала курбан да одат, за да би се создал баланс дека и двете страни се поддеднакво насилни. Во доброосмислениот план, жртви би требале да бидат Али Ахмети и Зоран Заев, што би гарантирало сигурен успех за почеток на судири меѓу Македонците и Албанците, но и меѓу самите Македонци подделени по политичка припадност.

Пеколното сценарио, ставено на хартија и изведено во лабораториски услови, имало голема веројатност да успее, бидејќи се сметало на решителноста на насилниците да пролеат туѓа крв, како поради ниската едукација на голем дел од нив (иако некои во занес јавно се претставуваат за интелектуалци-писатели), така и поради видливата блага ретардација на некои крвници, ако се суди според нивната физиономија додека ѕверски тепаат. Согласно планот, веројатниот редослед на убиства би требало да биде најпрвин наместениот фатален крај за 2-3 протестанти, што дополнително би ја разгневило толпата, за да ги егзекутира лидерите на СДСМ и ДУИ, а медиумските куртони, во веќе подготвеното кризно сценарио, да го релативизираат тоа. Не треба да се заборави дека во најдраматичните моменти за животот на пратениците Зоран Заев, Зијадин Села и останатите, директното вклучување на ТВ Нова во Собранието беше проследено со постојан натпис, сместен во централниот дел на екранот, дека „Народот си го врати Парламентот“.

Можно е во болните умови на авторите на ова пеколно сценарио, за поголемо индуцирање на омраза кај двете страни од конфликтот, да се планирало убиствата на двата политички лидери да бидат изведени со шокантен приказ, сѐ со цел акумулираната деструктивна енергија да еруптира во крвничко насилие и триумфализам. Тоа би била точката од која би немало повеќе враќање назат, а во Македонија веќе никој не би можел да ја сопре спиралата на насилие во извесната граѓанска војна.

И кога се прави една ваква имагинарна проекција, врз хипотетичкиот принцип што би било кога би било, и тогаш фикцијата мора да се темели на некаква фактографија. Како тогаш пишуваа медиумите, јавачите на оваа македонска апокалипса имале јасно поделени улоги: недостојниот за функцијата претседател на РМ, Ѓорѓи Иванов, би прогласил воена состојба, би го извадил политичкото подземје, преоблечено во униформи на АРМ и МВР на улици, и панично би избегал во Јасен, каде веќе би го чекал Груевски & остала багра и од каде би почнале да господарат со државата и да одлучуваат кој ќе биде убиен, кој затворен, кој прогонуван. За нивна жал, но за останатиот нормален свет за среќа, овој пат една странска служба од Жолтото комбе навистина ги прислушкувала, сценариото на хаос им го компромитирала, а пеколниот план го превенирала со неочекуваниот тајминг на дејствување на новото парламентарно мнозинство. Затоа, изминатиов месец ја славиме слободата, а не ги броиме мртвите.

Но, наспроти овие политичко-безбедоносни прашања, за кои свои оцени и анализи веќе дадоа експертите, можеби поатрактивен за анализа е психолошкиот момент на целиот настан. За момент да се влезе во главите на Груевски и на припадниците на милитантното крило на ВМРО-ДПМНЕ, и да се направи скенирање какви електро импулси им зрачеле од мозоците додека осмислувале и планирале насилие, убиства, крв. Дали имаат и каков им е односот кон смртта, дали на неа гледаат исто како и разумните луѓе со страв, дали имаат сожалување кон невино починатиот иако им е непознат, стравуваат ли од смрт на свој близок, имаат ли грижа на совест ако со своето однесовување предизвикаат туѓа смрт, дали желбата за живот и власт им е толку голема да не им е проблем да предизвикаат убиства на други…? И уште многу други дали.

Луѓето се вреднуваат според делата, а не според изговорените зборови. А Груевски на четири часа по крвавиот линч на пратениците од неговите поддржувачи во Собранието, изјавил дека никогаш во животот не користел насилие за да би имал корист во политиката. Но, за помалку од 24 часа од оваа изјава, тој убедувал нешто друго – дека толпата не сакала да го убие Заев, бидејќи ако тоа го сакала, некој би извадил пиштол и би го застрелал. Каква контрадикторност на некој кој за себе тврди дека е политичар кој се води од морални и хуманистички начела.

На каков заклучок упатува оваа изјава доколку би била подложена на една психолингвистичка анализа? Кај рационалните луѓе, говорот – вербален или пишуван, е комуникациски акт во кој мислата и мисловниот процес му претходат на изговореното, односно мислата се материјализира преку зборови, така што и Груевски да би кажал „Ако некој сакаше да го убие Заев, би извадил пиштол и би го застрелал“, најпрвин морал да посвети време за когнитивно-ментален процес во кој би размислувал дали Заев можел да биде убиен. И како резултат на тоа, интимно го заклучува она што јавно и го кажува дека стореното дело не било мотивирано со убиство ниту имало потенцијал за такво нешто само затоа што не бил употребен пиштол. Леснотијата со која ја изговара оваа реченица, Груевски, веројатно несвесен за тоа, јавно се демаскира со какви мисли и очекувања бил опседнат кога го гледал насилието, иако тоа го соопштува во форма на амнестија за насилниците дека немале намера да убиваат штом не користеле пиштол.

Со влегување во расправа и евалуација дали и како можел да биде убиен Заев во моментите на негов линч (тоа е тема за која пристојните и човечните не полемизираат, барем не јавно), Груевски покажува дека неговиот однос кон насилството, смртта и убиството не е во согласност со етичко-хуманистичките вредности кои треба да ги поседува секој рационален човек, особено политичар, а кои се учат и всадуваат уште во детството, во најраниот периодот на социјализацијата. Евентуалниот пропуст во раното детство, доведува „ѕверот во секој од нас“ кај луѓе од типот на Н. Груевски, наместо да е успан, постојано да е буден, и да се активира согласно потребите. Голема опасност е за луѓе и за држава кога ликови со сериозен пропуст во социјализацијата како инфанти, се здобијат со моќ како возрасни и бидат во позиција да одлучуваат за судбината на други луѓе, народи и државна заедница. Пет-шесте шамари, праќаето на Ќосето, пиштолот, но и планираното крваво сценарио на 27. април, објаснуваат како несоцијализираното дете Никола управувало со ѕверот во човекот Никола додека тој управувал со заробената држава. Колку само во однесувањето на Груевски има потврда на вистинитоста на зборовите на Фројд дека бебето е татко на човекот.

Згора и ако останатите членови на здружението (судот ќе ги почести со епитетот злосторничко) се со сличен дефект од раното детство, тогаш операционализацијата на пеколното сценарио од крвавиот четврток е доведена до ниво на рутина, а евентуалните жртви во нивниот вредносен систем би се третирале само како бројка, кон која немаат никаков сентимент, бидејќи смртта му се случила на некој друг, кон кого е изграден однос во кој отсуствува емпатија и морални и човечки вредности.

Болната опседнатост на Груевски & остала багра со насилство и смрт, можела да се претпостави уште пред осум години, од зборовите употребени во писмото кое го испратил до членството во 2009 год., во кое барал да се започнела финалната битка против транзициските политичари и интелектуалци, но и од лексиката во бомбите, во кои се слуша како се посакувало да се направи војна, противникот да завршил во ендек, да му се обесчестеле жената и децата или да му се запалила куќата. Една психијатриска анализа на Фамилијата би покажала дека нивната танатофилија (од грчки θανατοφιλία: фасцинираност или љубов кон смрт) дополнително им била индуцирана во младоста и од доживеаната траума со мистериозното загинување на близок член од семејството (вујко и татко), што, веројатно, влијаело врз формирањето на нивната политичка свест дека убиствата можат да бидат составен дел на политиката, па и коњуктурни, ако е во прашање остварување на некаков интерес. Рамнодушноста со која зборуваат во снимените телефонски разговори за убиството на Мартин Нешковски, објавената колумна во која се сведочи дека еден ден по убиството на Смилковско езеро, Груевски ноншарлантно си организирал разговор со кандидат за прием за работа во неговиот кабинет, неразјасненото загинување на Никола Младенов, (само)убиството на Коста Крпач, оценувањето на акцијата во Диво насеље за успешна, иако загинале осум полицајци, и невротичните заканувања на Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски и Валентина Божиновска на еден ден по последните избори, нѝ покажуваат дека за сите овие години сме си имале работа со систем од ментален склоп на луѓе кои не би се колебале да играат и на картата на граѓански судири и крвопролевање. Од тие причини, насилството од 27. април беше само прашање на ден кога ќе се случи и колкава ќе биде цената платена за тоа.

Меѓутоа, Груевски не само што немал човечки однос кон своите политички противниците, тој бил нечовечен и кон своите најблиски соработници. Токму една од бомбите го сведочи таквиот однос, на тогашниот премиер Груевски кон министерот Миле Јанакиески. Во тој разговор, воден во ниедно време, ако не од сочувство и грижа, бидејки и самиот е родител, барем од куртоазија можел да одглуми и да го прашал соработникот “Што му е на син ти, од што е болен?”. Не, тој откаго го завршил разговорот во кој го интересирало за ДУП-от и ГУП-от, ништо друго повеќе не го занимало. Кога е вака безчувствителен и суров кон своите најблиски соработници, кои поради негова алчност сега страдаат, не е тешко да се претпостави со колкав презир и омраза ги гледа неистомислениците.

„Миле Јанакиески: Утре ќе Ви го дадам. Сакав денеска, ама Александар имаше 40 температура.
Никола Груевски: Важи, ајде чао!“

Би додал, чао Никола! – и нека ти тече сега тебе низ ногавица додека стравуваш од содржината на секој нареден случај на буквата Т. Можеби еден од нив ќе биде именуван и како ’танатофил’, затоа што, кога-тогаш, сигурно еден ден ќе се открие кои сѐ загинати ги носиш на душа додека бескруполозно господареше со животот и смртта во оваа држава.

д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска