Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска го одбележа традиционалниот кинески празник Дуанву.
Празникот се слави 2.000 години, според кинескиот лунарен календар на петтиот ден од петтиот месец и го означува почетокот на летото.
Елена Дамановска секретар на Институтот „Конфуциј“ информира дека во Македонија се одбележува прва година, со предавање за значењето на празникот и со краток филм со најбитното јадење, пелмени со леплив ориз завиткани во бамбус и јајца.
– Во светот се прославува со овие слатки пелмени, има трки на змејови и чунови, се носат миризливи торбички во кои има билки од кинеска традиционална медицина, кои се лековити да ве заштитат од злите духови. На вратата се закачува пелин, кој штити од болести бидејќи почнува летото има многу комарци и болести. Празникот е еден вид прочистување пред почетокот на летото, појасни Дамановска.
Директорот на Институтот „Конфуциј“, од кинеска страна Дек Ши Чонг нагласи дека Дуанву е многу убав празник во Кина и оти јадењето леплив ориз и јајца е најинтересен дел од славењето за децата.