Словенечкиот претседател Борут Пахор ја повика Македонија да преземе иницијатива за прашањето за името која нема да ги остави рамнодушни претставниците на ЕУ и меѓународната заедница, јавуваат денеска грчките медиуми.
Во Грција владее голем интерес за средбата на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов со неговиот словенечки колега Борут Пахор, и воглавно се истакнува изјавата на Пахор дека во процесот на проширување, поголеми можности за влез во ЕУ ќе имаат државите кои сами ќе се обидат да ги средат односите со соседите.
Провладиниот „Катимерини“ ја пренесува и изјавата на Иванов дека „неговата земја се соочува со ситуација во која нема соговорник“.
– Сите наши иницијативи се отфрлаат, не се прифаќаат, а ние сакаме решение, сакаме да седнеме и да разговараме, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на македонскиот претседател и додаваат дека тој истакнал оти „неговата земја не добила одговор од грчка страна на поканите за средби на високо ниво“. Иванов подвлече и дека неговата земја очекува ЕУ да покаже поголем интерес за решавање на прашањето за името, исто како и за решавање на односите меѓу Србија и Косово, додава „Катимерини“.