Сите патници кои синоќа со авион на Визер од Скопје пристигнале во финскиот град Турку се ставени во карантин и ќе бидат тестирани за Ковид-19, соопштија финските власти. Претходно беше соопштено дека 26 од 157 патници на саботниот лет од Скопје се позитивни на коронавирусот.
Риита Лиукса, директор на Одделот за цивилна заштита на Турку, изјави дека патниците кои живеат во Финска ќе одат во домашен карантин, а за другите карантин обезбедуваат локалните власти.
Сè уште нема информации колку од околу 130 патници кои пристигнаа од Скопје се Финци, а колкумина се странци.
На патниците не им е дозволено да користат јавен превоз на пат од аеродромот до местото на карантин. Надлежните институции ќе контролираат дали карантинот се почитува, а за негово евентуално прекршување се предвидени казни.
Од саботниот лет, триесетина патници се жители на Турку, а најголем дел од останатите се од регионот Усимаа и други делови на Финска. Иако нема официјална информација за идентитетот и националноста на заразените, финските медиуми пренесуваат дека десетина од нив се жители на Турку.
Македонското Министерство за здравство вчера соопшти дека според информациите на службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција, повеќето од 157-те патници во авионот се државјани на Косово и на Финска, а само двајца се македонски граѓани. Најголем дел патувале со косовски пасош (95 лица), со фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши. Станува збор за патници, иселеници, кои доаѓаат во Македонија или транзирираат преку земјава од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.
Ниту еден од патниците не е на листата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, односно нема решение за изолација поради позитивен корона тест, велат македонските здравствени власти.
Сепак, МНР преку Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, ја побара листата со имиња на патниците кај кои било констатирано присуство на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека по анализа на сите информации ќе биде биде одлучено дали во иднина ќе се бараат ПЦР тестови за граѓаните на соседните држави кои само транзитираат низ земјава.