Aктивистите од Шарената револуција организираат собир за поддршка на Специјалното јавно обвинителство денеска во 17 часот пред Собранието.
„Периодов во Собранието и по медиумите под контрола на обвинетиот Груевски можеме да забележиме вистински линч и пропаганда против Катица Јанева и целото СЈО. Истовремено, власта со кој се уште управува обвинетиот Груевски ја користи секоја прилика за да ја блокира работата на оваа институција. Судиите од тефтерот на Горде продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, го укинаа единственото кое беше прифатено и го вратија едниот Обвинителен предлог кој СЈО го поднесе до кривичното одделение, поради причина која не им е проблем кога постапуваат по предметите на Зврлевски. Уставниот суд се уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за уставноста на СЈО.
Пратениците од ДПМНЕ одбиваат секаква поддршка за СЈО. Одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и свиркачи, одбиваат да го продолжат рокот за работење на СЈО, а собраниската говорница ја користат исклучиво за дискредитација на Катица Јанева и институцијата која ја претставува. Владата зад која се уште стои обвинетиот Груевски, продолжува да остава на високи функции луѓе кои се под истрага за сериозни кривични дела од страна на СЈО.
На СЈО повторно му е потребна нашата помош. Не смееме да дозволиме режимот да помисли дека оваа институција барем за момент е без силната, здружена и одлучна поддршка на граѓаните“, стои во повикот на Шарената револуција.