„ВМРО-Народна партија изразува големо разочарување и загриженост заради прекинување на преговорите за имплементирање на обврските што произлегуваат од договорот од Пржино, потпишан од лидерите на четирите политички партии.
ВМРО-Народна партија бара итно продолжување на разговорите и целосно испочитување на договор по сите точки содржани во истиот. Според реакциите на сите оние што и мислат добро на Република Македонија, а особено меѓународната јавност, до колку ова не се случи, Македонија ќе западне во тешка политичка криза. Тоа ќе не вовлече во меѓународна изолација и губење на препораката за започнување на преговорите со ЕУ, што неминовно ќе се одрази на стабилноста, безбедноста, економијата и животниот стандард на граѓаните.
ВМРО-Народна партија посебно ги повикува лидерите на двете најголеми македонски партии да покажат максимална одговорност и спремност за продолжување на преговорите од што зависи иднината на Р.Македонија.
ВМРО-Народна партија го посочува како позитивен пример однесувањето на политичките лидери во Косово, кои преку дијалог и компромиси експресно стигнаа пред вратите на ЕУ. Затоа народот на Косово е награден со Договор за асоцијација и стабилизација на нивната земја со ЕУ, кој деновиве беше одобрен, а на 27 овој месец ќе биде потпишан.
ВМРО-Народна партија ги потсетува двете најголеми македонски партии дека договор може да се постигне само тогаш кога ќе се направи отстапка на штета на партијата, а тоа да биде во интерес на Република Македонија, што претставува врв на вистински докажан патриотизам“, се вели во соопштението на ВМРО-НП.