Изненадува реакцијата „Левица“ во врска со состојбите во АД ЕСМ. Никаде ги немаше како партија да го искритикуваат катастрофалното и криминално управување со ЕСМ и домашните производни капацитети за време на претходната власт, а сега глумат загриженост кога актуелното раководство и вработените во компанијата секојдневно се соочуваат и ги решаваат затекнатите предизвици како последица на катастрофата што ја оставија кадрите на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Збор не кажаа за грабежот на РЕК Битола преку партиските фирми на СДС за огромни суми, а сега меѓу другото, напаѓаат постапка со која е ангажирана фирма за технолошко чистење која за истата активност има 30 проценти пониска понуда. „Техно Коп Плус“ е избрана за економски оператор за технолошко чистење во РЕК Битола откако ги исполни сите наведени критериуми по јавниот повик. Договорот е склучен по жалбената постапка откако и Бирото за јавни набавки потврди дека изборот е направен согласно позитивните законски прописи.
Кога Левица се повикува на финансиските резултати од минатата година, заборава да истакне дека осум месеци во 2024 година компанијата ја водеа кадри на СДС. По доаѓањето на новото раководство АД ЕСМ е затекната во слободен пад. Само во септември 2024 година се констатирани милионски доспеани и неплатени долгови во износ над 80 милиони евра. И загубите на фирмата, истовремено се мерат во милиони евра.
Левица се дрзнува да ги извртува податоците за пораснатите трошоци за плати и надоместоци. Порастот на трошоците за 15 милиони евра во однос на 2023 год., е резултат токму на „менаџирањето“ на СДС кога за еден ден на 1 јануари 2024 година, во пресрет на парламентарните извори – вработуваат преку 680 партиски војници, кои патем, до 9 мај не се појавувале на работа. А во однос на платите за менаџерскиот тим, Левица многу добро знаат дека нема никаква одлука за нивно зголемување по доаѓањето на новото раководство.
Нити Левица, нити нивните пајташи од СДС кои го искрадоа и урнисаа АД ЕСМ, не само што немаат право да анализираат и коментираат, туку треба да ја споменуваат АД ЕСМ само при пренесување на извинувањето кон граѓаните од страна на СДС – за уништувањето на Компанијата додека управувале со неа, и која на новото раководство ја предадоа со:
• девастирани термо-капацитети, запуштени со години без неопходни квалитетни ремонти, во кои гореа увезено ѓубре наместо квалитетен лигнит, платено како да е злато;
• ненабавена нова и свесно уништена постоечка механизацијата за ископ и свесно урнисани рудници преку хаотично копање надвор од рударските проекти;
• систематско „полнење“ на Компанијата со партиски, нестручни кадри и за деформирање на систематизациите во сите сектори, подружници и ДООЕЛ-и за вдомување партиски војници;
• закуп на LNG терминал и прекугранични капацитети преку кои не е можно да се донесе ни 1 Kwh гас до државата и за кои ќе претрпиме најмалку 50 милиони евра штета во наредните 15 год. за колку не врзале со штетни договори.
• испумпани милијарди денари од сметките на Компанијата со кои ги наполнија своите џебови преку фингирани тендери, при што набавувале потребни и непотребни материјали и услуги по неколку-кратно повисоки цени од реалните пазарни.
Тоа што СДС го уништи, а Левица за тоа никогаш не ги обвини – не е возможно да се обнови за десетина месеци. Актуелното раководство со забрзано темпо ги консолидира работните процеси кои СДС ги прекинаа или уништија заради криминогеност или неспособност. Ја охрабруваме Левица наместо да се синхронизира со СДС во обвинувањата кон АД ЕСМ, да ја смени адресата за критика кога станува збор за енергетиката, велат од партијата.