ВМРО-ДПМНЕ и Беса на Биљал Касами бараат целосно нов оглас за избор на членови на Граѓанскиот совет за надзор на ОТА , која ќе го спроведува следењето на комуникациите. Од опозициските партии сметаат дека поради малиот интерес на пријавени на претходниот оглас, треба да се поништи тој и да се распише нов за избор на сите седум членови. Се противат на предлогот на владејачкото мнозинство да има парцијален оглас само за дел од членовите.
„Подобро е целосно да се повтори огласот за сите кандидати бидејќи со парцијално решение нема да дадеме кредибилитет за овој совет“, рече Фадил Зендели од Беса.
„Имајќи предвид случувањата во минатите 20 години во државата во делот на безбедносните служби, не треба да носиме избрзано решение. Стојам на ставот да распишеме нов оглас на кој ќе се пријават повеќе експерти и претставници на НВО и од тој квантитет да избереме квалитет кој ќе биде основа за функционирањето“, порача Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија го спорат и кредибилитетот на пријавените кандидати.
„Да распишеме нов оглас од утре, да се пријават кандидати кои граѓаните нема да ги препознаваат по политичка боја туку по кредибилитетот“, рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, СДСМ и ДУИ предлагаат да се објави парцијален оглас, односно да се изберат 3-4 членови за да почне да функционира телото, а потоа да се избираат и другите членови. За ДУИ доволен аргумент е што немало пријавено Албанци, па предлагаат нов оглас да има само за етничките заедници.
„Од албанската заедница да повикаме експерти заинтересирани да се пријават на наредниот оглас, 4 членови да избереме сега, а нов оглас да има за 3 членови од кои двајца ќе бидат Албанци“, побара Ејуп Алими.
Аргументите на Ивана Туфегџиќ, пак, беа дека се влегува во предизборен период и дека треба да почне да функционира надзорот над ОТА што поскоро.
И власта и опозицијата се согласија дека слабиот интерес е поради недоволно рекламирање, но и недостатоци на законските решенија каде не прецизирале дали ќе има надомест за членовите.
На огласот се пријавени 8 лица и тоа Гордан Калајџиев, Маргарита Цаца Николовска, Ице Илиевски, Катерина Крстевска, Сашко Јанев, Филип Стојановски, Александар Николов и Жаклина Пауновска. Од нив седум треба да бидат избрани.
Галена Николовска-Ризвановиќ