Владиката Петар контра медицинарите за „лажичката“: Умреле луѓе што не се причестиле

Од:

Досега немало случај верник да се зарази или почине од причеста, а умреле луѓе зошто не се причестиле и што не се излекувале, вели владиката Петар за „А1он“. Ставот доаѓа по реакциите дека причеста на верниците со иста лажичка во време на паднемија и лесно ширење на коронавирусот е обесчестување на трудот на медицинскиот кадар. Според владиката Петар, Господ Исус Христос е лекарот над сите лакари. Тој тврди дека мерките во црквите се повеќе почитувани отколку во општеството посочувајќи дека пример е собирањето на министрите од ДУИ.

„Тоа се глупости на луѓето што не знаат ништо за верата. Кога велат дека треба да се причествуваат луѓето со повеќе лажички, тоа се свети тајни, тоа е Христос, неговото тело и крвта, Христос е лекарот над сите лекари, тој не заразува, тој лекува. И тука немало досега ниту еден случај некој да се разболел или да умрел од причеста. А умреле луѓе што не се причестиле и што не се излекувале. Тоа се само приказни на неверниците, на атеистите, без оглед дали се луѓе само од црквата. Овие реакции се неоправдани затоа што ние повикавме како црква и се придржуваме на тоа во најголема мера, но вие знаете дека не можете до крај луѓето да ги натерате да бидат исполнителни, па дури и во семејството. Во најтесното семејство не можете конечен ред да ставите, а камоли во поширокото семејство, во заедницата и така натаму“, вели владиката Петар за „А1он“.

Тој смета дека кога во прашање е верата, не смее ниту за миг ниеден верник да се посомнева дека може да се зарази. Владиката Петар посочува дека по литургиите, свештениците ја примаат причесната, а никој од нив не се заразил, ниту умрел.

„Факт е дека никој не се заразил затоа што досега сите свештеници, по завршувањето на литургијата, ја примаат причесната од тоа лажиче со кое ги причестиле сите. Ако некој треба да се зарази, тоа се свештениците, но никој не се заразил, ниту умрел. Но, од нивни комуникации во семејствата и на други места, отворени или затворени, се заразиле свештеници, па и владици. Во светот имаме владици што умреа, на пример, во Србија умреа четворица владици со поглаварот, и во Руската црква се умрени десетина владици, и во Грчката има што умреа. Не се тие починати од причесната, туку од зараза надвор од причесната“, додава владиката Петар.

Тој апелира да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и посочува дека треба да се размислува за масовни исповеди бидејќи се ставаме во ситуација да бидеме потенцијални убијци пренесувајќи го вирсуот.

„Затоа што се ставаме во опасност ние да бидеме потенцијални убијци ако ја пренесеме болеста, особено свесно знаејќи дека сме болни и заразиме некој од таа болест. Треба сите ние да размислиме, по сето ова, да следуваат масовни исповеди за тоа дека сме се ставиле во ситуација да бидеме потенцијални убијци или да убиеме некого пренесувајки ја оваа болест“, додава тој.

Владикат Петар смета дека во црквата многу повеќе се почитуваат мерките отколку во општеството.

„Јас мислам дека се многу попочитувани во црквата отколку во општеството, од најповиканите. Тоа е факт. Ние видовме на телевизија министри и врвни луѓе пратеници, претседател во Собранието, без маски, седат јадат итн. и никому ништо за нив, ги казнија по 20 евра. Па нека ги казнат по 20 евра сите што не носат маски, не е тоа проблем“, додава владиката Петар за „А1он“.

Реакција за причеста со иста лажичка дојде и од директорот на Клиниката за токсикологија, Нико Беќировски, кој смета дека на тој начин се обесчестува трудот на медицинскиот персонал, кој девет месеци се бори со коронавирусот.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена