Владата и МЗ со различни ставови – ќе смеат ли воопшто невакцинираните лица да влегуваат во ресторани и кафулиња?

Од:

Владата и Министерството за здравство излегуваат со различни ставови околу последните владини мерки за тоа дали невакцинираните лица од 16 август ќе смеат да влегуваат во угостителски објекти на отворено. Додека во јавноста се водат жестоки дебати по овие прашања, голем број прашања остануваат неодговорени, па дури и збунувачки за пошироката јавност.

На владината седница во саботата, една од мерките гласеше дека „од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено“.

Ова практично би значело дека доколку во угостителскиот објект има помалку од 30 лица, ќе можат да влезат и невакцинирани.

Ова е спротивно на одговорите кои денеска ги добивме од Министерството за здравство. На нашето прашање, дали лице кое не е вакцинирано, а сака да влезе во угостителски објект на отворено, а да не станува збор за прослава или за настан, од Министерството велат:

„За влез во угостителски објект, ноќен клуб, дискотека, ресторан, театар, кино, концерт, лицето ќе треба да покаже сертификат за вакцинација или потврда за примена барем една доза вакцина“.

Оттаму, според Владата, невакцинираните ќе смеат да испијат кафе или да вечераат во ресторан доколку има помалку од 30 гости, а според Министерството за здравство, тоа ќе биде забрането.

Освен тоа, недоречености има и околу редарските служби, односно не се знае прецизно дали тоа треба да бидат лиценцирани агенции кои ќе вршат проверка на сертификатите пред секој угостителски објект или настан и дали секој угостителски објект ќе треба да ангажира редарски служби.

„Организирање јавен настан, собир, концерт, и сл. подлежи на правила кои ги има организаторот, а се однесуваат на редари и обезбедување, и истото е регулирано во Закони и правилници кои не се во надлежност на Министерството за здравство. Контролите за валидност на сертификат или потврда за примена една доза вакцина ќе бидат во надлежност на инспекциските служби кои и досега вршеа контрола дали се почитуваат и постоечките мерки и протоколи. Потенцираме дека во ниту еден случај нема да бидат загрозени правата за заштита на личните податоци на граѓаните“, велат од Министерството за здравство, по што повторно останува нејасно на кој начин угостителските објекти ќе знаат кое лице е вакцинирано, а кое не е, за евентуално да му забранат влез во објектот, доколку не станува збор за организиран настан или за прослава.

Големи дебати се водат и околу тоа зошто за лицата кои имаат антитела по прележан Ковид-19, нема да важат истите правила како и вакцинираните, со една доза.

„Оваа мерка нема никаква епидемиолошка смисла! Зошто? Затоа што сега имаме работа со делта сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина. Оттаму, подеднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза! Вакцинираните само со една доза имаат заштита од симптоматска болест само од 33% (студија 1 – Public Health England), односно 36% (студија 6 – Индија) (4). А тоа е исто како да се невакцинирани! Која е, тогаш, логиката на комисијата за заразни болести што дале таков предлог!? Од друга страна, дури и кога би се барала потврда за две примени дози и тоа не е гаранција дека тие не се заразени! Во студијата 1 (Public Health England)(4), заштита од заразување на две дози Фајзер е 80%, а во студија 5 (Израел) е 64%. (4) Да потсетам, цело време зборуваме за делта сојот!“, пишува Драган Даниловски, епидемиолог.

Од Министерството за здравство, пак, стојат на ставот дека „заштитата по природната инфекција е добра, но не се знае колку долго трае, бидејќи лица кои еднаш имале Ковид повторно се заразуваат“.

„Според анализите постојат случаи кога првиот пат биле асимптоматски, а вториот пат од заразата имале тешка клиничка слика. Истражувањата на имунолозите укажуваат дека не секој ќе добие исто ниво на имунитет од инфекција, додека имунолошките одговори од вакцините се многу конзистентни. Со вакцинацијата се зголемува одбрамбениот механизам на организмот, а вакцините го намалуваат ризикот од повторна инфекција, тешка форма на болеста и смртен исход од истата“, велат од Министерството.

Мерките ќе стапат на сила од 16 август, бидејќи, според Министерството, периодот од една недела е за адаптација на објектите кои треба да ги применат мерките, како и на инспекциските служби кои треба да го утврдат начинот на контрола.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Контроли во угостителски објекти: Се точи алкохол на малолетници, пронајдена марихуана

А1он

За 7,7 отсто зголемен индексот на цените на угостителските услуги во јули 2023 во однос на истиот месец лани

Зголемени цените на угостителските услуги

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски