Владата формира нова безбедносна служба во замена за актуелната УБК

Од:

Во рамките на реформите во безбедносните служби, Владата на Северна Република Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи поднесе предлог закон до Собранието за основање на нова безбедносна служба, Агенција за национална безбедност, како замена за Управата за безбедност и контраразузнавање која досега беше синоним за недоверба кај граѓаните. Едно од значајните промени е тоа што новата Агенција ќе остане владина структура, но надвор од МВР со цел да се избегне злоупотреба на истата. Агенцијата како што најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, нема да има полициски овластувања. Истата се очекува да започне со работа од 1 јуни годинава.

-Точно е дефинирано на кој начин и кога ќе може да се прибираат информации, како и нивно чување и користење. Прибирањето информации ќе биде во согласност со Законот за заштита на лични податоци. Секој граѓанин, лично за себе, ќе може да побара информација дали Агенцијата презема некакви дејствија кон него. Сакаме да се ослободиме од терминот тајна полиција. Во оваа држава повеќе нема да се прислушува неосновано, рече Спасовски додавајќи дека сите информации кои ќе бидат прибавени од страна на Агенцијата нема да се користат како доказ пред суд, туку дека истите се прибираат со цел заштитување на безбедноста.

Како што кажа министерот Спасовски, поентата на реформите во безбедносните служби е децентрализација на истите односно ниту една служба да не ги поседува сите информации. Во насока на ова Спасовски истакна дека нема да постои ниту една агенција која ќе ги собира сите информации, односно ниту една служба нема да знае што работи друга служба.

Налогот за прибирање информации од одредена личност ќе дава директорот на Агенцијата за национална безбедност, но за тоа мора да го извести Јавниот обвинител. Работата на Агенцијата ќе биде во насока на контраразузнавање, контратероризам, пролиферација, корупција, како и повисоки форми на организиран криминал.

Агенцијата за национална безбедност ќе биде регулирана односно ќе и биде вршен надзор од повеќе државни институции меѓу кои Врховниот суд, Собранието на СРМ, Јавниот обвинител, Народниот правобранител, Државниот завод за ревизија и Агенцијата за класифицирани информации. Во склоп на Агенцијата, од страна на директорот ќе биде формирана и единица за внатрешна контрола по мислење на Собранието.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност ќе се избира од страна на Владата по предлог на премиерот на државата. Во однос на вработувањето во Агенцијата, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека ќе постојат строги критериуми односно ќе биде формирана Комисија која ќе има задача да создаде профил на работните места и профил на вработените кои треба да бидат ангажирани во службата.

Спасовски истакна дека припадниците на Агенцијата претходно ќе бидат изложени на длабински безбедносни, психолошки и друг вид проверки по пракса воспоставена од НАТО и останатите западни безбедносни служби. На прашањето дали вработените во УБК ќе бидат префрлени во новата Агенција, министерот истакна дека доколку вработените ги поминат предвидените проверки, ќе бидат поставени во новата служба АНБ, додека останатите ќе добијат отказ.

Со формирањето на новата безбедноста служба, предвидено е и проширување на мрежата на соработници кои ќе бидат ангажирани со соодветен паричен надомест, за чија висина не сакаше да говори минстерот Спасовски.

Законот за Агенцијата за национална безбедност ќе се носи со двотретинско мнозинство. Спасовски изјави дека во целиот процес на подготовка на нацрт-законот учествувале и членови од опозицските партии поради што очекува и поддршка за законот.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите