Уште во 2008 година официјално Скопје дало согласасност за промена на уставното име во „Република Северна Македонија“ „под услов тоа да вклучува признавање на македонскиот јазик и националноста“, се наведува во документ на американската амбасада во Скопје што го објави Викиликс, а го пренесува порталот Катимерини.
Доверливиот документ на американската амбасада под наслов „Што треба Македонците да направат за да го решат спорот за името“, е од 29 јули 2018 година, а го составила тогашната американска амабасадорка во Македонија Џилијан Миловановиќ.
Документот покажува дека целите на Македонија не се многу променети во последната деценија и дека во одредена мерка се постигнати со грчко-македонскиот договор од јуни годинава.
Во првиот дел од документот се споменува дека Миловановиќ своите заклучоци ги претставила по разговорите со тогашниот претседател и премиер на Република Македонија, Бранко Црвенковски и Никола Груевски, и наведува дека условите биле прифатливи за земјата.
„Амбасадата на САД во Скопје оценува дека македонската Влада е подготвена заради отворањето на патот во НАТО и членството во ЕУ да се согласи со името Република Северна Македонија во сите меѓународни организации“, се наведува во документот на американската амбасада во Македонија, до кој дошол Викиликс.
Националноста и јазикот, исто така, требало да ја имаат придавката „македонски“, се заклучувало во документот, но дека со тоа треба внимателно да се постапува – можеби во вид на некој анекс или интерен документ во ОН што нема да биде предмет на одобрување од грчката страна, пренесува Катимерини.