Засилени инспекциски контроли во угостителските објекти во пресрет на новогодишните празници за да се превенираат евентуални новогодишни прослави ќе има, а инспекторите ќе се организираат во зависност од тоа какво решение ќе се донесе во однос на нивната работа, најавува претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска. Пазарните инспектори од 30 ноември до 6 декември, меѓу останатото, како што соопшти таа денеска, изрекле решенија за затворање на четири угостителски објекти, три во Гостивар и еден во Скопје, за работа по 21 часот и повеќе гости на маса од дозволеното.
-Апсолутно дека ќе има засилени контроли, но ќе зависи од тоа како ќе биде решението. Инспекциските служби не учествуваат во процесот на донесување одлуки дали ќе работат, нема да работат, дали ќе има некакви промени во однос на работењето на угостителските објкети. Во зависност од тоа што ќе се одлучи, така и ќе се организираме. Без разлика, онака како што стојат сега работите инспекторите, особено од Пазарната инспекција, но и од сите други, се постојано на терен и секојдневно максимално ги искористуваат капацитетите и како се приближуваат празниците ве уверувам дека уште повеќе ќе ги интензивираат надзорите, рече Филиповска Грашкоска, одговарајќи на новинарски прашања на денешната редовна прес-конференција за активностите на инспекторатите .
Претседателката на Инспекцискиот совет соопшти дека од 30 ноември до 6 декември пазарните инспектори извршиле 3.129 контроли и 490 вонредни инспекциски надзори од кои најголем дел за почитување на протоколите за отворање и работа на угостителски објекти, при што изрекле 30 прекршочни пријави и по 44 решенија и прекршочни платни налози.
– Врз основа на Законот за заштита на население од заразни болести пазарните инспектори донеле четири решенија за забрана за работа на четири угостителски објекти, три во Скопје и еден во Гостивар во кои констатирале дека не се почитувал протоколот, односно работеле по 21 часот со повеќе гости на маса отколку што е дозволено. За овие правни лица и одговорните лица се изречени прекршочни платни налози, рече Филиповска Грашкоска.