(ВИДЕО) Заев-Гир: Треба да се реформираат сите области, особено владеењето на правото

Од:

Потребно е да реформираат сите области, особено владеењето на правото кое што е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување на ЕУ – да биде отворено прво и да биде затворено последно. Тоа значи дека земјата ќе мора да одржи постојани напори во сферата на владеењето на правото до крајот на самите преговори.

Ова денеска го порача новиот евроамбасадор во Северна Македонија Дејвид Гир, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

-Мандатот на новата Влада, како и мојот мандат како шеф на Европската делегација во Северна Македонија започнува во време во кое што сите едвај чекаме да започне формалниот почеток на преговарањето на земјата со ЕУ на владината конференција. Да потсетам дека земјата во оваа фаза на процесот на интеграција во ЕУ веќе постигна многу кога станува збор за реформите, но исто така и во смисла на решавање на билатералните спорови со соседите кога признаваме дека Северна Македонија е пример за целиот регион, подвлече Гир.

Евроамбасадорот нагласи оти потребно е да се продолжат реформите и во одржување на демократијата и одбраната на човековите права, заштитата на животната средина и одржлива и динамична економија. Тие, рече Гир, се суштински елементи за опипливи позитивни промени во животот на граѓаните и напредокот во овие сфери ќе значи дека ЕУ ќе дојде во Северна Македонија која што е суштината на процесот на пристапување.

Ја потенцира важноста и на добрите добрососедски односи која што, како што рече, е исто така е дел од процесот на проширување, како што е и процесот за стабилизација и асоцијација и важно е договорите за добрососедските односи и Преспанскиот договорот да се продолжат добронамерно од сите.

-Во крајна линија процесот на пристапување кон ЕУ е врвна цел која што ги ангажира сите политички сили и општеството зад нив. Токму затоа сакаме Владата и сите политички сили и сите делови од општеството да се вклучат во овој процес. Од моја страна ве уверувам претседателе дека Европската делегација и посветениот персонал ќе стои на ваша страна, постојано ќе ви помага со ресурси и експертиза се во името на заедничката цел да ја видиме Северна Македонија да стане дел од ЕУ, истакна новиот евроамбасадор.

Изрази уверување дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува поддршка и помош за земјава во справувањето со кризата со Ковид-19.

Премиерот Заев, од своја страна, изрази очекување дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања, односно на ГАК на 10 ноември по што, како што истакна, ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

-Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавје со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Што се однесува до нашата страна нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но нагласувам, нашата свечена обврска останува и ќе биде да не дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните да се случи, подвлече премиерот.

За премиерот влеваат оптимизам сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата на завршните преговори.

-Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности, рече Заев.

Премиерот се заблагодари за помошта што Северна Македонија ја доби и ја добива од нашите партнери во ЕУ во борбата со Ковид-19.

-Ние сме на пат од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти наместо на решавање на истите. Придобивките од нашата работа ги чувствуваат сегашните и ќе продолжат да ги живеат следните генерации со секој чекор, со секое отворено поглавје, со секој решен проблем работиме да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани, заклучи Заев на заедничката прес-конференција со новиот евроамбасадор Гир.

Би можело да ве интересира

Гир: Не се точни тврдењата дека ЕУ не ја сака Македонија

Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ

Гир: Загрижува слабата имплементација на препораките на Антикорупциска

Гир: Во изборниот период важно е медиумските актери да известуваат на отворен и непристрасен начин

Гир: Политичките партии да понудат јасен избор на електоратот, да се спречи поларизација и дезинформации

Гир: Со претходникот на Дамева не се сретнав поради начинот на неговиот избор и на најзината смена