По двочасовна расправа, советниците на општина Центар изгласаа одлука со која се забрануваат градежни работи околу плоштад Македонија.
Ова значи дека до крајот на годинава, нема да може да се гради улица на средина на Кејот на Вардар меѓу кафе-баровите. Но со неа е опфатена и изградбата на Шпанските скали. Градоначалникот Андреј Жерновски, по чиј предлог е донесена оваа одлука, кажа дека за него е неразбирливо да се пробива улица на сред Кеј.
„Имав средба и со сопствениците на кафе-баровите, на нивна иницијатива, и тие побараа да се спречи оваа идеа.Од тука, ваков предлог беше инициран за да се стопираат градежните работи на тој дел од Центар, затоа што е потреба одлука која е прифатлива за сите граѓани. Очекувам дека и градоначалникот на Град Скопје да има ист став во интерес на граѓаните“, рече Жерновски.
Против ваквата одлука беа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои прашаа по кој закон ќе се гласа оваа одлука, на што добија одговор од Жерновски дека е тоа согласно член 67 став 5 од Законот за градење. Градоначалникот појасни дека, според законот, општина Центар е исклучиво надлежна за овој потег на кејот, односно за шеталиштето, додека Град Скопје е за коритото и брегот на Вардар.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ се противеа на одлуката, истакнувајќи дека изградбата на улица е во интерес на граѓаните и дека илицата ќе биде поплочена со бехатон плочки. ВМРО-ДПМНЕ ја бранеа одлуката за надземна улица затоа што подземната на Кејот ќе се судрела со таа што ја најави градоначалникот на Град Скопје на локалните избори и која требаше да поминува под Скопскиот плоштад до комлексот банки.
Жерновски остро реагираше и ги потсети дека Коце Трајановски јавно се откажа од ова ветување бидејќи Град Скопје нема пари. Причина плус за сомнеж за потреба од ваква улица на Кехот е маркичката за Катна гаража која треба да се изгради на сред плоштад, веднаш зад зградата на Телеком.