ВИДЕО: „За последиците не ви гарантирам“, директорката на „Никола Карев“ предупредува, но вели дека го поддржува протестот на учениците

Од:

„Само ‘Никола Карев’ протестира. За последиците не ви гарантирам“, ги предупредува директорката на скопското средното училиште „Никола Карев“ учениците кои утрово место да одат на настава одлучија да протестираат против загадениот воздух.

Учениците се пожалија дека директорката почнала со закани и притисоци да не се излезе на протест уште вчера кога кажала дека часовите ќе им бидат неоправдани, дека ќе се намалуваат поведенија и дека не е исклучена можноста и да бидат избркани од училиштето.

До „А1он“ учениците испратија видеоснимки од директорката како ги фотографира учениците кои протестираат во дворот и подоцна како им се обраќа во холот на училиштето.

Директорката на „Никола Карев“, Горица Илијоска, изјави за „А1он“ дека наспроти тврдењата на учениците, таа ги поддржува во протестот за чист воздух, но сакала да ги информира дека не се на протест сите средни училишта во Скопје, како што било најавено вчера.

„Ги поддржуваме учениците, секој има право да го каже својот став, посебно за оваа тема која нè засега сите нас. Учениците имаат поддршка не само од мене туку и од целиот наставнички совет“, вели директорката Илијоска.

Таа објаснува дека околу 60 отсто од учениците место да влезат на првиот час, останале во дворот, а останатите биле во училиштето и имале настава.

„На вториот час учениците што беа надвор влегоа во атриумот и тогаш почна да се намалува бројот на ученици кои ја следат наставата. Имајќи ја предвид ситуацијата, ние на одморот направивме класен совет и по него сакав да ги информирам учениците за случувањата бидејќи тоа ми е обврска. Имавме сознанија дека настава има во сите училишта освен во три, односно во ‘Корчагин’, во ‘Георги Димитров’ и во ‘Орце Николов’. Сакав да укажам дека не се точни кажувањата дека протестот е организиран на ниво на училиштата од цел град“, вели директорката Илијоска.

околу 60 отсто од учениците место да влезат на првиот час, останале во дворот, а останатите биле во училиштето и имале настава

Протестот бил масовен само на вториот час, а веќе од третиот час учениците почнале да се враќаат на настава. Директорката вели дека 90 отсто од учениците се вратиле на настава, а дел од класовите правеле и писмени. Забележале и дека дел од учениците кои не се вратиле на настава вршеле притисок врз другарчињата кои одлучиле да се вратат, но тврди дека притисок од неа и од професорите врз  учениците немало.

„Ние не можеме да ги запреме ниту, пак, да им се заканиме. Најодговорно тврдам дека немало закани ниту од мене ниту од некој друг од нашето училиште. Тоа се деца, секогаш со нив постапуваме со разбирање. Секој што побарал, бил ислушан. Ние имавме најава за протест, но не очекувавме тоа да биде во првата смена оти протестот беше најавен за попладне. На наставнички совет се договаравме како да постапиме со учениците кои ќе решат да се приклучат на попладневниот протест“, рече директорката Илијоска.

Како ќе се одработат изгубените часови, директорката вели дека ќе одлучат на дополнителен наставнички совет. Вели дека имаат многу можности, како што е уредување на дворот и слични активности.

Илијоска не сакаше да ги коментира тврдењата на учениците кои се пожалија дека се обидела да ги убеди дека протестот за кој тие мислат дека е за чист воздух е партиски организиран, а тие се изманипулирани.

Учениците ставија маска на бистата во дворот на училиштето „Никола Карев“

На протест денес излегле и учениците од средното училиште „Орце Николов“. Тие велат дека не добиле закани, но биле предупредени дека на 31 декември место половина ден, ќе останат на часови цел ден.

Протест имало и во „Раде Јовчевски – Корчагин“  и во „Георги Димитров“.

Драги Змијанац, претседател на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, утрово предупреди дека не треба да се вршат притисоци врз младите затоа што изразуваат подготвеност да учествуваат на протест за животната средина бидејќи им е загрозено најелементарното право – правото на живот.

Тој потсети дека истите притисоци се случуваа пред само неколку години кога се појави средношколскиот пленум. И ним им се закануваа дека нема да им ги оправдаат часовите, дека ќе треба да донесат оправдание од лекар доколку сакаат да им се оправдаат…

„Учениците имаат право да се самоорганизираат низ неформални форми на здружување и акции и да се залагаат за истите пред институциите кон кои се однесуваат барањата. Младите имаат енергија и решителност да го бараат од државата она што им е неприкосновено право, а тоа е чист воздух и никој тоа не може да им го забрани и ускрати. Наместо да ги казнуваме, треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето незадоволство од загаденоста на животната средина и, што е најважно, да се потрудиме да им го обезбедиме правото да дишат! И да им се придружиме!“, повика Змијанац.

Би можело да ве интересира

Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух

Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Предраг Петровиќ

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза