(ВИДЕО) Шекеринска – Димитров: Владата цврсто посветена државата да стане 30 земја-членка на Алијансата

Од:

Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска, во Клубот на пратеници на работен доручек разговараа со амбасадорот Алехандро Алваргонзалес, помошник на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, кои се во прва заедничка посета на Република Македонија.

Република Македонија и нејзината Влада се цврсто посветени државата да стане 30-та земја-членка на Алијансата, за што има консензус кај сите политички партии, но и висока поддршка од граѓаните на Македонија, рекоа министрите Шекеринска и Димитров.

„Република Македонија беше во сериозна политичка криза изминатите неколку години, но граѓаните и Владата покажаа дека доколку имаме волја, доколку сме посветени и цврсто решени да продолжиме на патот на реформите, ние имаме капацитет тоа и да го направиме. Во исклучително краток период, Република Македонија успеа повторно да се наметне како позитивен пример во регионот. Ги вложуваме сите напори да ги реализираме реформите кои се насочени кон секој припадник на Армијата, кон условите во кои тој работи, кон неговата опременост, знаења и вештини“, рече министерката.

МО Шекеринска истакна дека е важно да се спомене дека со приемот на Република Македонија, НАТО ќе има уште еден член кој има капацитет да даде свој придонес кон напорите на Алијансата за мир и безбедност на глобално ниво. Тоа, рече Шекеринска, е видливо и преку нашето долгогодишно учество во мисијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“ каде неодамна го зголемивме македонскиот контингент за 20 проценти.

Министерката додаде дека буџетот на Министерството е зголемен, но и дека тие средства се трошат рационално и домаќински. Информираше дека во моментов во Министерството за одбрана активно се работи на Стратегискиот одбранбен преглед, и дека тој документ ќе биде основа за натамошните реформи и правецот во кој ќе се развива Армијата на Република Македонија. „Преку Стратегискиот одбранбен преглед ќе се добие слика за реалните потреби на одбраната и она што Република Македонија ќе може да го обезбеди. СОП ќе помогне во делот на модернизацијата на одбраната со дефинирање на вистинските приоритети“, рече Шекеринска. Во тој контекст, министерката се заблагодари на НАТО – Алијансата и нејзините земји-членки, особено САД, Велика Британија и Германија за поддршката во создавање на квалитетен стратегиски документ. Шекеринска истакна дека Македонија сака да биде и добар сосед, зашто само поврзан и стабилен регион може да биде предуслов за развој.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја реафирмираше определбата на земјата за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Република Македонија. Аргументираше дека Република Македонија веќе долго време дејствува како де-факто земја членка на Алијансата, особено во споделувањето на заедничките одговорности со земјите членки на НАТО. Притоа, МНР Димитров посебно ја нагласи успешната соработка во рамките на мисијата на НАТО во Авганистан и нашата определба за долгорочен придонес во зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност.

„Како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, Република Македонија ќе го зголеми учеството во мисијата „Одлучна поддршка” за 20%”, истакна Министерот Димитров.

Министерот Димитров ја подвлече определбата на Владата на Република Македонија за останување на реформскиот курс во рамките на МАП процесот, со цел понатамошно зајакнување на политичките, одбранбените и безбедносните перформанси на земјата, што води кон целосно и брзо интегрирање на земјата во НАТО.

Помошник-генералниот секретар на НАТО, Алваргонзалес рече дека пред една година биле загрижени од кризата во Македонија и ги охрабри лидерите да дадат максимум во правец на реформите. Исто така, тој додаде дека Владата на Република Македонија треба да биде горда на тоа што го прави за земјата и за иднината на нејзините граѓани.

Двајцата гости, Алваргонзалес и Поповски дадоа признание за реформите што ги спроведува Владата на Република Македонија, како и за придонесот во мисиите „Одлучна поддршка“ во Авганистан и АЛТЕА во БиХ.

Би можело да ве интересира

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски