Управниот орган, кој треба да одлучи по барањето за азил на Горан Грујевски и Никола Бошкоски во Грција, нема преведувач од грчки на македонски јазик и обратно. Поради тоа, одлучувањето е одложено за неопределно време.
„Како што знаете, судовите и другите органи во Грција тешко се снаоѓаат со преведувачи на македонски јазик и во овој случај тоа беше проблем, односно поради тоа што органот што ја води постапката за азил нема преведувач од грчки на македонски јазик и обратно, носењето на олуката беше одложено на неопределоно време и нема датум“, рече адвокатот Петар Василев.
Во врска со тоа дали е точно дека во март Грујевски и Бошкоски ќе бидат екстрадирани од Грција во Македонија, тој вели дека не би сакал да шпекулира со датуми.
„Не би сакал да шпекулирам со датумите, таму се водат повеќе постапки за нив, никој не може да влијае на тие судски постапки. Судот определува кога ќе бидат закажани рочиштата и кога ќе биде донесена одлука. Така што од наша страна не може ниту да постои некакво влијание ниту, пак, да извршиме некаква процена кога би можело тоа да се случи. Во врска со тоа што беше истакнато во медиумите дека според извори од Министерството за правда постоела можност да бидат вратени до март, ќе чекаме да видиме што ќе се случи“, рече Василев.
Според него, на Грујевски и Бошкоски во Македонија не може да им се суди за фалсификуваните бугарски пасоши со кои беа уапсени на аеродромот во Солун.
„Според мене, нема можност да им се суди. Тоа може само кога самите странки би побарале, но тоа не е случај во оваа ситуација“, рече Василев и додаде дека сè уште немаат одговор на жалбата на одлуката за екстрадиција.