Денешната отворена дискусија за иницијативата за оспорување на уставноста на законите со кои се регулира плаќањето на придонеси на хонорарите во организација на Фондацијата Отворено општество Македонија и Платформата Ајде, беше речено дека е несвојствено да се отвора расправа откако е законот донесен, сепак, бидејќи јавната расправа беше оспорена, организаторите ги повикаа сите заинтересирани да дадат свои издржани предлози за оспорување на уставноста на законите за хонорари.
Иницијативата упати првично барање до Уставниот суд да донесе времена мерка врз основа на која законот нема да може да се применува, односно законот да не важи се’ до донесување на финалната одлука на Уставниот суд.
– Нашата цел е буквално секој субјект кој е засегнат од овие закони, да има можност да се вклучи кон една издржана иницијатива и да се јави како подносител на претставката понатаму во процесот, рече Нада Наумовска од Фондацијата Отворено општество Македонија.
Според иницијаторите на претставката за оспорување на законот според кој примателите на хонорари мора да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено и инвалидско осигрување, повредени темелните принципи на Уставот и се внесува социјална и правна несигурност.
– Од аспект на повреда на принципот на владеење на правото е воведување на регулирањето на една иста проблематика во два различни закони и покрај тоа што не се користат буквално истите зборови, се прави изедначување на договорите кои се внесуваат како посебни договори во работните односи, а матичен закон сепак им претставува законот за облигациони односи. А помеѓу овие видови договори не може да се прави изедначување, ако се има предвид дека договорните страни во облигационите односи имаат поголема слобода на регулирање на своите права и обврски, наспроти обврските за постриктното регулирање на односите меѓу работодавачот и работникот и обврските кои произлегуваат од законот за работни односи, рече Наумовска.
Особена правна несигурност создава законот за социјално осигурување, односно за придонеси за задолжителното социјално осигурување, во кои категориите обврзници не се рамноправни.