Струмичкиот клуб „Аватар“, пререгистриран во кафуле, викендов повикува на нови журки иако за журките со стотици гости минатиот викенд заработи кривична пријава за непочитување на мерките за заштита од Ковид – 19 и казни за гласна музика и присуство на малолетници. Билети за претстојните журки веќе се во продажба. Извори за „А1он“ од Струмица велат дека веќе се продадени голем број билети.
Од Државниот пазарен инспекторат, по журките минатиот викенд, не ја исклучија можноста „Аватар“ да добие уште една забрана за работа од еден месец.
„Претходно го затворивме како ноќен клуб, но сега се работи за угостителски објект – кафуле и процедурата за затворање е друга. Во моментов тој има кривична пријава која е доставена до судот. Ние ја разгледуваме законската можност, доколку повторно викендов има проблеми, да го затвориме како кафуле“, вели Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат за „А1он“.
Инспекторатот го следи кафулето „Аватар“ и веќе биле известени дека во продажба се билети за голема забава, но од таму велат дека во овој момент немаат ингеренции тоа го спречат, но доколку се реализираат најавите, ќе следат санкции.
„Аватар“ по едномесечна пауза поради изречена како казна за непочитување на протоколите во јули, повторно продолжи со работа минатата недела. Гости во клубот кој сега е кафуле испратија снимки од кои се гледа дека речиси сите гости стојат, иако протоколот за работа на кафулиња не го дозволува тоа, не се одржува дистанца и кафулето е преполно.
Во саботата контрола во „Аватар“ направила полицијата која утврдила дека не се постапува по протоколите за време на епидемија, има присуство на малолетници подоцна од 24 часот и била пуштана гласна музика за што се поднесени соодветни пријави до надлежните институции.
За разлика од „Аватар“, локал во скопски Аеродром кој организираше првосептемвриска журка на која стотици млади се забавуваа без маски и дистанца, веќе е пломбиран. Има забрана за работа од еден месец откако се појавија снимки од журката која наиде на голема осуда.
„Школото е одложено за 1 октомври, но журките не се“ , коментираа скојани на социјалните мрежи, а ваквото групирање и непочитување на протоколите го осуди и министерот за здравство Венко Филипче.